Македонија
10. July 2023 - 12:31

Приносот на ориз годинава ќе биде намален за 60%

Оризовите полиња во Кочанско зафатени со болест која за оризопроизводителите е тотална непознаница. Со болеста велат дека се сретнале за прв пат пред 5 години, но изминатиот период било во помал обем, за годинава да се прошири на околу 50 % од засеаните површини. Тие ги препознаваат симтомите, но не знаат точно за што се работи.

- Самото растение нема вегетација како што треба да има за овој период од годината. Нема доволно храна во самото растение, не зема, коренот се суши и растението останува мало, изјави Тони Максимов, оризопроизводител.

Побараа од Земјоделските факултети при УКИМ и УГД да излезат на терен и да најдат соодветно решение, но во меѓувреме во коштец со проблемот се фати Илија Каров.  Каров категорично тврди дека не се работи за нова болест, туку за инсект.

- Лично јас дојдов да видам, се работи за инсект. Сега ларвите се во коренот и го јадат кореновиот систем. Во овој случај треба да се прска со системичен инсектицид или било кој инсектицид да се користи, за малку од малку да се намали штетата, а штетата веќе е направена, бидејќи многу е размножен, изјави Илија Каров, поранешен декан на Земјоделски факултет - УГД – Штип.

Стеблото на оризот се обидува да пушти адвентивни коренчиња, но приносот ќе биде намален, додаде Каров. Бидејќи инсектот е распространет на огромни површини, стравува дека годинашната реколата ќе биде и за 60 % помала од минатогодишната. Решение за догодина е прскање со соодветни инсектициди уште во раната фаза од вегетацијата.