Македонија
30. October 2023 - 16:34

Приведени 20 лица за затајување данок и перење пари во злосторничко здружување, шестмина се во бегство

26 сопственици и управители на 28 фирми паднаа во голема акција на Обвинителството за организиран криминал и Финансиската полиција под името „Синџир“.

Осомничените се товарат за злосторничко здружување, даночно затајување и перење пари. Државниот буџет го оштетиле за речиси 8 милиони евра.

Приведени се 20 лица од Неготино, Кавадарци, Битола, Охрид и Скопје, а шестмина се во бегство.

Криминалната група била создадена во Неготино уште во 2019 година. Ја почнале тројца, па секоја година им се приклучувале други лица.

Со цел да не платат данок, организаторите основале фирми во нивна сопственост и преземале сопственост и управување на претходно основани фирми.

„Изготвувале и сметководствено евидентирале фактури со вкалкулиран ДДВ за наводно извршени набавки на стоки и услуги или изготвувале и евидентирале фактури со примена на механизмот за пренесен ДДВ, по член 32-а од Законот за ДДВ за наводно извршени набавки на стоки и услуги за кои знаеле дека не се извршени“.

Врз основа на овие фактури најчесто не биле вршени плаќања, а дел од долговите биле затворани со меѓусебни компензации.

„Со сметководственото евидентирање на фактурите за наводна продажба на стоки и услуги и со нивното искажување во задолжителните Даночни пријави за ДДВ на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, преку институтот даночен гарант, сметководственото евидентирање го искористиле за противправно преземање на даночниот долг на дел од правните субјекти сопственост или управувани од страна на осомничените припадници на злосторничкото здружение“.

На тој начин фирмите на организаторите незаконски станале даночни гаранти на фирмите на припадниците на групата кои како даночни обврзници имале долг кон УЈП.

Со тоа, организаторите им овозможиле на дел од фирмите на осомниченте припадници да не го платат нивниот данок и неосновано да го затворат со лажно даночно побарување на даночните гаранти.

Предметниот обвинител предложил притвор за 14 лица, од кои за едно куќен притвор, а за останатите 12 други мерки на претпазливост.