Бизнис
9. October 2023 - 16:34

Продолжува усогласувањето по новиот данок за моторни возила

Се договориле да се договорат – вака изгледаше средбата меѓу министерот за финансии и увозниците на моторни возила. Во игра се неколку опции, но нема конечен став колку ќе се зголеми акцизата за увоз на половни возила. Бесими им рекол дека целта е да се подигне еколошката свест. Увозниците, пак, допрва ќе ги образложуваат своите предлози. Очекуваат договор за вредностите на новата методологија за ден до два.

„Основната интенција е да се направи корелација помеѓу NEDC и WLTP методологијата, едната е стара, другата е нова. За да можат рамноправно да бидат оданочени при нивното пуштање во слободен промет. Бидејќи тие имаат различни вредности, се менуваат и апсолутните износи. Немам јас впечаток дека во пракса нешто драстично ќе се смени. Се уште преговараме околу тоа. Нашата цел е да нема финансиски импакт.“ – Ѓино Шкријељ, претседател на групација на меѓународни шпедитори и лог. оператори

Вицепремиерот Битиќи смета дека електричните возила и оние кои не загадуваат, иако се половни, воопшто и не треба да се даночат.

„Мораме да поставиме одредени стандарди. Сакаме да живееме поздраво како сите или да продолжиме да немаме услуги, да имаме јавен превоз кој изгледа како од 60-тите, и да имаме такси превоз кој, за жал, мислам дека ниеден град во блиската околина го нема“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Според предлогот на финасии ако досега за возило до 10 илјади евра не се плаќаше данок, сега тој ќе изнесува 1%. Двојно ќе се зголеми давачката за оние возила кои најмногу загадуваат.