Македонија
19. July 2025 - 19:36

Работниот ангажман ги менува навиките и животот на осудените лица во струмичкиот затвор

Ресоцијализацијата во струмичкиот затвор добива практична димензија.

За многу осудени лица, времето поминато во затвор не претставува само казна, туку и можност за стекнување нови вештини и промена на животниот правец. Дел од затворениците активно се вклучени во работни активности и обуки  со цел полесно повторно да се вклучат на пазарот на труд.

Таков е примерот и со едно лице кое ја издржува својата шестмесечна казна. Времето во затворот го искористил за да научи нов занает,  монтажа на камени плочки. По истекот на казната  планира да започне сопствен бизнис и да ја примени стекнатата вештина во пракса.

Во моментов, во струмичкиот затвор казна издржуваат повеќе од 80 лица. Околу половина од нив се работно ангажирани. Дел работат на проекти внатре во установата, како изградба на мала црква и ограден ѕид, додека други се вклучени во работа за неколку приватни компании. Сите ангажмани се на доброволна основа. Според директорот на установата, ваквите активности имаат позитивно влијание  не само врз однесувањето на осудените лица туку и врз нивната мотивација.

Казнено-поправната установа Затвор Струмица е од полуотворен тип и во неа се сместуваат лица осудени на затворска казна до три години.