Бизнис
30. October 2018 - 20:40

Расте бројот на туристи во Дојран, а туристичката такса под проекциите

Наплатата на туристичката такса во Дојран бележи зголемување. Заклучно со септември по тој основ во општинската каса влегле 1 милион и 100 000 денари или за околу сто и дваесет илјади повеќе во однос на лани. Очекувањата се до крајот на годината оваа сума да стигне до 1, 5 милиони денари. Од општината  се задоволни од позитивниот тренд, но не во целост бидејќи проекциите во буџетот за оваа година биле околу 2,5 милиони.  За да ги  мотивирани издавачите да ја подмируваат оваа обврска во иднина  општината ќе им даде можност сами да одлучат како ќе се трошат тие средства.

- Заедно со сите издавачи ќе направиме еден заеднички состанок во текот на ноември месец и со нив ќе одлучиме во што да се инвестираат собраните пари од туристичката такса. Тоа беше мое ветување и еве стојам на тоа. Заедно ќе ги определиме приоритетите што треба да се прави во Дојран како туристичко место со тие кои што се најмногу засегнати од самата ситуација. Ние не иницираме и не сакаме со лоши методи да ја подобриме наплатата. Сакаме со подигање на свеста и со иницирање на вакви средби со самите издавачи,  со разговори и со подобрување на условите.

Според проценките  на општинските власти оваа сезона Дојран го посетиле околу 100.000 туристи. Покрај домашните значително било  зголемувањето и на гостите од странство, пред се од соседните држави. За следната година општината најавува и нов проект кој преку читачи на регистарски таблички ќе овозможи и  подетална статистика на возлита,  но и туристите кои ќе го посетат овој туристички центар.