Расте цената на нафтата на светските пазари, неизвесно дали ќе поскапат горивата во земјава

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) утре треба да донесе нова одлука за највисоките малопродажни цени на горивата во земјава, во услови на значителен раст на цената на суровата нафта на светските пазари.
Засега останува неизвесно дали бензините и дизелот ќе поскапат или ќе поевтинат, бидејќи конечната одлука ќе зависи од пресметките според методологијата на РКЕ.
Цената на нафтата „Брент“ бележи силен раст во изминатите денови.
На 22 октомври достигна 113,17 долари за барел, што беше највисоко ниво на затворање од почетокот на мај. Нагорниот тренд продолжи и во петокот, кога барел се продаваше за 116,72 долари, со дневен раст од 3,14 проценти. На неделно ниво, поскапувањето изнесува околу шест проценти.
Главните причини за ваквите движења се геополитичките тензии и стравувањата од можно нарушување на глобалното снабдување со нафта.
Секое дополнително влошување на состојбата на Блискиот Исток би можело да предизвика нови ценовни притисоци врз енергентите, со потенцијални последици и врз домашниот пазар.
На последната седница, одржана на 19 октомври, РКЕ ги намали малопродажните цени на бензините за 2,50 денари за литар, додека дизелот поскапе за два денари.
Според цените што важат од 20 октомври, максималната цена на „еуросупер БС-95“ изнесува 96 денари за литар, „еуросупер БС-98“ чини 98 денари, а „евродизелот“ се продава за 99 денари за литар.
Сепак, растот на цената на суровата нафта не значи автоматски дека сите горива во земјава ќе поскапат.
При утврдувањето на новите цени, РКЕ ги зема предвид и берзанските цени на нафтените деривати, курсот на доларот и другите елементи предвидени во регулаторната методологија.
Дополнителен показател за ценовните притисоци врз потрошувачите се податоците на „Евростат“.
Според нив, во септември цените на горивата и мазивата за лични превозни средства во Европската Унија биле повисоки за 31,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година.
На месечно ниво, дизелот поскапел за 5,9 проценти, а бензинот за 6,7 проценти.
Одлуката на РКЕ што се очекува утре ќе покаже дали растот на меѓународните пазари ќе се одрази и врз цените на бензините и дизелот во земјава.
Ново на Сител
-

Србија гласа на вонредни парламентарни избори
-

Претседателски избори во Бугарија, 6,59 милиони граѓани со право на глас, фаворити Јотова и Ѓуров
-

И во Македонија денеска се гласаше за изборите во Србија и Бугарија
-

Цените на горивата со нов рекорд - по какви цени ќе се точи од утре?
-

СДСМ: Симе не е во затвор, повторно е со Мицкоски, пуштен е да работи за ВМРО-ОКГ во Брвеница
-

Филипче лаже за анкетите, лаже и за тоа дека има автомобил од 6.000 евра, за што уште лаже Венко?
-

Србија утре избира нов парламентарен состав
-

Тема на денот со д-р. Драган Даниловски, епидемиолог
