Расте сиромаштијата: Граѓаните едвај имаат пари за јадење, купувањето облека им е луксуз
Над половина милион Македонци се сиромашни и немаат доволно пари ни за храна. Алармантен скок на сиромаштијата поради високата инфлација, покажува најновата студија. До крајот на годинава се очекува околу 80 илјади граѓани денот го тукаат со 60 денари, односно немаат пари ни за да си купат леб и млеко. Над 440 илјади граѓани, пак, да имаат само 200 денари дневно во џебот.
„Државата мора да ги замрзне цените и да ги држи цените замрзнати подолго време. Барем пола година. За да се стави под контрола инфлацијата. Тоа нема да биде доволно. Паралелно, треба да се зголемат сите примања на луѓето, пензиите, платите, социјалната помош. Мора да ги зголеми за да го ублажи овој пораст“ – Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар
За граѓаните станало луксуз одењето на одмор, театар или кино, а веќе не можат да си дозволат ниту нови алишта. Младите работат по две или три работи за да си ги задоволат основните потреби. Од платформата за борба против сиромаштија беа споделени цитати од луѓе од скратиле се, само за да преживеат.
„Од се сме скратиле. Веќе ништо не купуваме за себе. Купуваме само јадење. Си ги крпиме алиштенцата. Не одиме ниту на фризер, ниту на било каков настан надвор од дома. Втората најчеста изјава е на прашањето: кога одбирате за јадење си купувате ли мевце за да замириса куќата еднаш неделно? Одговорот секогаш е: еднаш неделно?! Нема шанси. Батаци еднаш во месецот“ – Билјана Дуковска, МППС
„Не размислуваат да купат нова облека или брендирана облека. Гледаат секогаш тоа да го направат во second hand, односно да купат роба од втора рака за да можат комотно да го преживеат месецот“ – Сашко Јованов, МППС
Вицепремиерот Битиќи се правдаше дека ниту тој не носи брендирана гардероба и не сакаше да ги коментира бројките од анализата, но рече дека поради ниските плати за време на минатата влада, оние кои биле на праг на сиромаштија, сега станале сиромашни.
„Не носам бренд. Од чичко Борче, носам сако. Чичко Борче е наш човек којшто се труди да го извади лебот од неговите златни раце. Носам кондури од баргала и чорапи од една од штипските фабрики. Вистината не е таа што во некои бројки ја има. Ама таа боли и тоа не е убаво. Не е очекување на еден политичар да каже вистина. Очекувањето во нашата држава на политичарите е да лажат. Да ве излажат“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер
Наскоро треба да биде објавен деветтиот пакет мерки тежок над 4 и пол милијарди денари, наменет за граѓаните и фирмите, со цел полесно справување со ценовната и енергетската криза.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
