Македонија
25. August 2023 - 16:30

Различни реакции на партиите во Советот на Град Скопје откако Арсовска побара да се врати споменикот на Ќосето

Данела Арсовска им ја испрати на советниците предлог-одлуката за враќање на споменикот на Ќосето. Според документите до кои дојде Сител, градот се повикува на Законот за локална самоуправа и законот за меморијални споменици. Доколку советниците дадат зелено светло, споменикот на Ќосето ќе биде поставен во близина на кружниот тек кај општина Гази Баба.

Од СДСМ најавија дека ќе гласаат против. Сметаат дека на Скопје не му треба ново споменично лудило туку реализација на проекти и подобрување на животот на скопјани.

„Андон Јанев-Ќосето е историска маргинална, контроверзна личност. Споменикот на Андон Јанев беше бесправно поставен од страна на режимот и затоа беше отстранет. Советничката група на СДСМ ќе се спротивстави на предлогот за враќање на споменикот. Тој не треба да биде поставен каде било, а најмалку во Скопје. Неговото место, може да е само во соодветно поглавје од македонската историја, поткрепено со историски извори.“ – Љубица Јанчева, СДСМ

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Андоновски, пак, за Сител вели дека СДСМ е во лицемерна битка сама со себе, оти еден ден ја поддржуваат Арсовска и нејзините програми, а другиот ден ја напаѓаат.

„Знаеме дека почитувањето на револуционерните дејци на македонската борба за независност и самостојност не е одлика на СДСМ. Тие го поддржуваат Адем Демачи за кого гласаа во претходниот состав. Тие прифатија Македонија и Бугарија да имаат заедничка историја. Тие прифаќаат бугарски историчари да ја пишуваат македонската историја. СДСМ е одговорен за македонските национални разочарувања. “ – Стефан Андоновски, ВМРО-ДПМНЕ

На седницата закажа за в четврток, на дневен ред се и останатите две иницијативи од Арсовска – за преименување на улицата „Адем Демачи“, како и поништување на одлуката за преименување на улици, мостови и плоштади од времето на Шилегов.

На социјалните мрежи врие. Граѓаните прашуваат зошто не се решаваат реалните проблеми, туку се губи време со непотребни активности.

„Зар ќе му служи овој споменик на народот кога стварно има екстремна бедотија, историја се учи во школо, а не на улица“, „Имате многу поважни работи да ги сработите, на пример, јавниот превоз. Се ближи школската година, немате автобуси“, „Се гори отпад на сите страни, ама битно споменикот да не трпи“, „Само до него стасавте, мостот уште чека“.

Одговор за Беласица чекаат и медиумите. Градоначалничката Арсовска последен пат се појави пред месец и пол кога се скара со новинарите на прес конференцијата за ѓубрето. Сител со денови испраќа прашања до Градот: кога ќе започне санацијата на мостот и од кога ќе се пушти во употреба, но одговори нема. Арсовска секој ден има активности на кои не ги кани медиумите, туку испраќа слики направени од лица вработени во Градот.