Македонија
10. February 2024 - 16:47

Реакции по доделените финансии за проекти од Министерството за култура

83.291 денар. Волку пари реши стручната комисија на Министерството за култура да одвои од Буџетот за овогодинешното одбележување на „Рацинови средби“. И годинава здружението „Плус публика“, ќе ја организира целата манифестација. 

Ваквата одлука на ресорното министерство, според првиот човек на Велес е удар врз делото на Рацин и неговото творештво. 

„Од година в година се намалува. Општина Велес ќе даде традиционално 600 илјади денари од буџетот“, изјави Марко Колев, градоначалникот на Велес.

На резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес на Министерството за култура, реагираше и опозицијата. Според нив програмата била скандалозна, без концепт и стратегија. 

Костадиновска Стојчевска на прес-конференција информираше дека 14 милиони евра од овогодинешниот буџет на ресорното министерство се одвоени за проектите за 2024г. Буџетот е зголемен за 1 ипол милион евра повеќе од лани. 

До стручните комисии, чии имиња се уште не и се познати на јавноста, стигнале над 3.000 апликации. Во некои случаи документацијата не била целосна, во други бил приложен и празен лист, а трети си ја пробале и среќата со стари проекти, кои претходно биле одбивани.