Реевалуација за повредените во „Пулс“
Вкупно 143 лица повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани беа повторно прегледани од мултидисциплинарен тим лекари од кочанската болница и клиничките центри во Скопје, кои се активно вклучени во нивното лекување и рехабилитација. Анализата на податоците сè уште трае, а првичните наоди покажуваат дека кај значителен дел од пациентите здравствената состојба е стабилизирана и терапијата е завршена. Тоа се претежно млади лица кои биле хоспитализирани краток период и се здобиле со полесни повреди.
- Тоа е еден динамичен процес, кој што не престанува. Ние не ги оставаме, не се заборавени. Значи, следењето си е континуирано и во однос на тоа понатаму, како ќе биде следењето, кој треба и кај кого од нив има потреба да бидат следени од пулмолог, ќе треба да преземат колегите од пулмологија. Оние што имаат потреба од третмани на лузните во смисла на корекција од дерматолог ќе бидат исто така преземени од Клиникта за дераматовенрологија, изјави Катерина Паниќ- Мирчовска, директорка на Општа болница – Кочани.
Во моментов, во кочанската болница на физикална терапија редовно доаѓаат меѓу 20 и 30 пациенти. Дел од нив, поради работни и образовни обврски, терапијата ја реализираат и во здравствени установи во Штип и Скопје. За пациентите кај кои ќе биде потребна посложена корекција на лузни на телото или лицето, особено ако тоа подразбира третман надвор од државата, одлука ќе носи лекарски конзилиум.
- Треба да се направи пообемен план во однос на тоа дали лекарите ќе бидат донесени. Значи, специјалисти од одредени области ќе бидат донесени во Македонија или повредените би биле испратени, за нешто што не може да се направи кај нас, да бидат испратени и во кои центри би биле испратени, сè зависи од тоа и доколку треба, ќе се контактира соодветниот центар дали ќе може да ги прифати. Сепак тоа е малку посложен процес, додаде Паниќ – Мирчовска.
Во процесот на рехабилитација се вклучени и медицински експерти од странство, меѓу кои физиотерапевти од Велика Британија и пластични хирурзи од Белгија, кои во текот на месецот ќе извршат дополнителни проценки за понатамошниот тек на лекувањето. Посебно внимание се посветува и на пациентите со респираторни последици од вдишувањето чад, од кои дел веќе го завршиле лекувањето во Јасеново.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
