Ресоцијализација преку учење занает: Жени осуденички шијат во текстилна работилница во Идризово
Ресоцијализација преку работа и учење занает. Четири осуденички од отвореното и пет од затвореното одделение во Затворот Идризово шијат и везат во текстилната работилница во кругот казнено-поправната установа. Перници, постелнина, торби... ова е само еден дел од работите кои се производ на нивниот труд.
Задачи за тоа што треба да се направи добиваат од модната креаторка Ирина Тошева, но идејата и дизајнот ги прават сами. Работат како и сите работници, осум часа дневно.
Започнавме конкретно овдека во шивалната некаде во март месец. Претходно работевме, везевме, имавме работилница во женското одделение кадешто везвеме, изработувавме везови, кадешто научивме, поточно, да работиме. Бидејќи јас немам претходно работено и немам никаква врска со шиење претходно, вели осуденичката Савка Гацевски.
Изборот за тоа кои затворенички можат да се вклучат во работилницата го прави Управата за извршување санкции. На првиот повик се пријавиле 25 од вкупно 87 жени осуденички.
-Дел од нив беа пријавени затоа што сакаа да си го пополнат своето време. Но дел, па и се пронајдоа во оваа работа. Но секако финалната селекција си ја прави Управата и воспитувачката, зашто сепак јас не ги познавам жените. Можам да кажам дека изборот којшто досега сме го имале бил перфектен, вели Тошева.
Ги посети претседателката на државата. Разговараше со осуденичките и вклучените во оваа иницијатива, а иницираше и соработка со нив преку кабинетот. Тие ја споделија својата приказна, но детали за се што работат.
-Брендирани сме, имаме двојазични, имаме и на англиски етикети за продажба во странство, имаме и на македонски.
Производите главно се продаваат на организирани базари, но можат да се најдат и во Ткајачкото студио „Народни носии“.
На последниот базар заработивме 32.000 денари. Половина отидоа кај нив, половина се користат за материјали кои ни се тука потребни во моментот, вели дизајнерката Тошева.
Откако купи неколку производи, Сиљановска-Давкова рече дека потребни се измени во Законот за помилување. Измени кои ќе го вреднуваат процесот на ресоцијализација.
-Треба да се апстрахира од казната и да го евалуира, или да го вреднува процесот на престој во затворите, кај луѓето, напредокот. Да го стимулира излегувањето од овој свет. Да има можност или да има обврска Комисијата за помилување доаѓа во затворите за да го разговара со луѓето коишто поднеле барање, вели Гордана Сиљановска Давкова.
Колку затвореници се во процес на ресоцијализација ширум државата, директорот на Управата за извршување санкции не открива. Но вели, работите се мрднати од мртва точка.
-Ние претходно како затворски систем едно јајце не произведувавме, што е едноставна работа. Треба да се направат кокошарници, да се купат кокошки и да се ранат. Сега тоа е сменето, во немал дел од затворите веќе тоа е придвижена работа, вели Александар Пандов.
Од следната година најавува изградба на повеќе работилници ширум затворите.
-Со завршување, догодина, кога ќе почне да се гради втората фаза во Затворот Идризово предвидени се објекти кадешто ќе имаме и столарија, металургија, текстилна фабрика кадешто ќе се произведуваат облеки и за затворениците, и за затворската полиција, можеби во идно време, постелнини и сето тоа, вели Пандов.
Работилницата чие мото е „Веземе надеж, шиеме промени“ има големи планови за следната година.
-Да имаме онлајн продавница. Да почнеме да ја шириме уште повеќе палетата на производи, а и да нудиме шивачки услуги на болници, ресторани, кафиќи за кои би изработувале, дали постелнина, перници или кецили што секако им се потребни, вели Тошева.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
