Родители на починатите деца во „Пулс“ сведоци на судењето за пожарот во дискотеката
Потресни сведоштва за трагичната ноќ во Кочани.. Родители на три деца кои загинаа во пожарот во дискотеката сведочеа денеска на судењето за случајот Пулс. Откако дознале дека објектот е во пламен сите заминале кон местото, дел со свои раце ги извадиле своите ќерки и синови од објектот. Во судницата рекоа дека нивните деца немале никакви изгоренци, сметале дека се онесвестени од чадот, но само неколку минути подоцна, лекарите во кочанската болница констатирале смрт.
"Цел ходник беше со легнати деца на подот, по клупите, кои исцрнети до непрепознатливост, кои изгорени. Мојот син Андреј, го најдов во собата со број 2. Лежеше на креветот покрај прозорецот, изгледаше нормално, немаше изгореници. Со сопругот почнавме да му даваме вештачко дишење. Многу време го реанимиравме. Умот не ми даваше да се помирам дека е мртов", изјави Марија Петрушева, мајка на починатиот Андреј.
„Бев пред влезот на диското, го видов сопругот како ја држи мојата ќерка. Бев среќна оти на телото немаше изгоренции мислев дека е само онесвестена, не и почината. Тој знаеше дека Драгана го загубила животот, не сакаше да ми го каже тоа", изјави Ирена Минова, мајка на починатата Драгана.
Пред дискотеката, рекоа дека ги виделе членовите на обезбедувањето и полицајци, за кои рекоа дека воопшто не им помогнале додека своите деца се обидувале да ги транспортираат до болница. На прашањата поставени од обвинителството, родителите кои сведочеа одговараа низ солзи, лелеци се слушаа и од родителите на загинатите кои го следат секое рочиште.
За некои, исказите беа мачни, па повремено ја напуштаа судницата. Освен што говореа за хоророт низ кој поминале ноќта на 16 март, родителите на загинатите ги повикаа обвинетите да го признаат кривичното дело за кое се гонети.
"Од вас не барам сожалување, барам да ја признаете вината секој од вас оти со вашите потписи на секој документ ја напишавте судбината на нашите деца", изјави во судницата Габриела Наунова, мајка на починатата Надица..
Од исказите на родителите, тешко беше одржување на редот во судницата, чести беа предупредувањата дека за нарушување на мирот и редот, може да бидат остранети. Најголем револт предизвика изјавата на обвинетиот Огњањ кој рече дека, во суднцита треба да седат родителите бидејќи дозволиле во објектот да се и нивните деца.. Во смирување на состојбата интевенираше и полицијата која ги враќаше родителите на своите места што се доближија до стаклото што ја дели судницата.
Дофрлувањата кон обвинетите, продолжи и надвор од судницата додека обвинетите и нивните адвокати се движеа кон своите возила..
Следното судење е закажано за 14 јануари, ќе сведочат дел од повредените кои ноќта на 16 март биле гости во Пулс.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
