САД повторно воведоа блокада на иранските пристаништа, Иран возврати со нови напади

Американските вооружени сили рано утрово повторно воведоа блокада на иранските пристаништа како одговор на нападите на Техеран врз бродови што се обидуваат да минат низ Ормуската Теснина, по што Иран изврши нови напади врз земји во кои се распоредени американски воени сили.
Според светските агенции, таквите околности со размена на напади меѓу двете страни, како и нивните обиди да воспостават контрола врз морскиот премин низ кој во мирнодопски услови поминува околу една петтина од светскиот извоз на нафта и природен гас, повторно се закануваат да го вовлечат регионот во поширок воен конфликт.
САД првпат воведоа блокада во средината на април, а ја укинаа во средината на јуни, ден по потпишувањето на привремениот договор што предвидуваше 60-дневен рок за преговори за иранската нуклеарна програма и други прашања. По застојот во разговорите, судирите во Ормуската Теснина повторно ескалираа.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот најави обновување на блокадата и воведување надомест од 20 проценти за бродовите што минуваат низ Теснината, но неколку часа пред нејзиното стапување во сила се откажа од таа мерка, повикувајќи се на барања од американските сојузници во Персискиот Залив.
Пред обновувањето на блокадата, американските сили извршија нов бран напади, соопшти Централната команда на американската војска (CENTCOM). Рано изутринава во Бахреин и Кувајт беа активирани предупредувања за ракетна опасност поради нови ирански напади.
Трамп во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека во следните два дена ќе следуваат нови американски удари врз Иран и предупреди дека до следната недела цели на нападите би можело да бидат мостови и електроцентрали, доколку не се обноват преговорите.
Неколку часа по повторното воведување на блокадата, иранските државни медиуми јавија за вооружен инцидент во Ормуската Теснина, без да објават дополнителни детали.
Исламската револуционерна гарда соопшти дека погодила командни, логистички и воени објекти на Петтата флота на САД во Бахреин, како одговор на американските активности во Индискиот Океан и обидите за контрола на Ормус. Техеран предупреди дека доколку САД се обидат да го блокираат извозот на нафта и гас од регионот, може да бидат затворени и други поморски правци што ги користат САД и нивните сојузници.
Командантот на CENTCOM, адмирал Бред Купер, изјави дека Иран лансирал десетици ракети и беспилотни летала кон соседните арапски држави во Персискиот Залив и порача дека САД ќе го сметаат Техеран за одговорен за, како што рече, „неиспровоцираната агресија“.
Според CENTCOM, во Арапското Море се распоредени најмалку 19 американски воени бродови, меѓу кои два носачи на авиони и десантен брод со повеќе од илјада маринци, како и стотици воени авиони низ Блискиот Исток.
МИА
Ново на Сител
-

Опозициските партии со остри реакции за потрошените пари за прославата
-

ВМРО-ДПМНЕ: Немало комуникација со ДУИ за избори
-

Болните од рак повторно останаа без дел од терапијата - надлежните уверуваат дека лекот ќе го има утре
-

Шестмина хоспитализирани со западно-нилска треска на Инфективна, двајца во тешка состојба
-

Дејан Јованов излегува од притвор на 3 октомври, судот ќе му определи мерки на претпазливост
-

Одбраната на Васе Анакиев тврди дека тој не барал поткуп, обвинителството тврди дека поседува цврсти докази
-

WIK отвора нов погон во ТИРЗ Прилеп за поправка на кафе апаратите од цела Европа
-

Димитриеска-Кочоска: Фискалната отпорност не се гради во моментот кога кризата ќе започне
