Македонија
16. December 2025 - 16:35

СДСМ со платформа МИЦКО.мк ги повика граѓаните да пријават корупција, партијата избира ново раководство

СДСМ вечерва избира ново раководство. 

Централниот одбор според најавите прво ќе ги констатира оставките на сите партиски функционери поднесени пред две недели на состанокот на Извршниот одбор. Листата на нови имиња е веќе подготвена, а лидерот на партијата во интервју за 360 вчера потврди дека функцијата генерален секретар ќе ја задржи само Александар Саша Димитријевиќ, додека еден од потпретседателите на партијата ќе биде Александар Трајановски, кој на последните избори беше кандидат за градоначалник на Аеродром. Останата листа Филипче вели дека ќе биде комбинација на искусни кадри и помлади членови.

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска тврдат дека никој не сака да биде дел од раководството на СДСМ поради криминалните бизнис интереси на Филипче и Заев. Партијата останува на ставот дека реформите во СДСМ не се можни без оставка на Филипче.

- Поради нивните бизнис интереси, ја уништија партијата, а чесните кадри во СДС не можат да дојдат до израз. Но, до израз можат да дојдат луѓе како Александар Трајановски, луѓе како Оливер Спасовски, Никола Спасов, мали Фрчко и Жерновски. Лојални на Заев и Филипче се истите оние луѓе кои ја испокрадоа и продадоа државата. Ете на ова се сведе СДС, вели Валентин Манасиевски

СДСМ пак утрово ја промовираше платформата Македонски Истражувачки Центар за Корупција и Организиран Криминал, или скратено МИЦКО.мк.

Ги повикаа граѓаните директно и анонимно да ги пријавуваат сите сомнежи за криминали на власта.

- Истражуваме случаи. Длабински прегледуваме тендери, медиумски објави или случаи на корупција, вклучително и проверени судири на интерес и останати сомнителни операции во политиката, јавниот сектор, локалните и државните институции. Ги архивираме податоците, креираме регистар на наводни случаи со наведени извори, датуми и релевантни детали, овозможувајќи лесен пристап и пребарување. Ги повикуваме сите граѓани, невладини организации, истражувачи, новинари, медиуми, да ни се приклучат. На платформата има можноста граѓаните да пријават корупција и криминал – директно, вели Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ 

На платформата против корупцијата веќе се објавени досегашните т.н бомби на СДСМ, за фирмата која добила над 160 државни тендери вредни повеќе од 5 милиони евра и за превземањето на Алта Банка.