Македонија
15. August 2023 - 16:39

Се огласи Апелација: 8те години затвор за возачот од Велес е најстрогата казна во изминатите 5 години

Сторителите на сообраќајки со жртви, просечно, се казнуваат со затвор од две до пет години. Ова го покажува статистиката на скопскиот Апелационен суд, анализирајќи случаи од претходните пет години.. Во овој период пред второстепените судии имало 173 предмети за сообраќајки, а 96 од нив биле со загинати.

По разгледување на причините, последиците и околностите, за 15,8 отсто од предметите, второстепениот суд, одлучил, сторителите на сообраќајки во кои имало жртви да им досуди условна казна, а за остатокот одлучил дека треба да одат во затвор.. Најниската затворска казна била пет месеци, а највисоката изнесувала седум години и два месеци. Статистички пак, Апелациониот суд пресметал дека „најголемиот број изречени казни затвор, се во траење од две го пет години, во зависност од утврдената фактичка состојба и олеснителни и отежителни околности“.

Повеќе од двојно намалената казна за велешанецот кој прегази 11 годишно девојче сега е рекордно највисока која ја запишува Апелациониот суд. Основниот во Велес на Ангелче Николов му досуди 18 години затвор, а судиите во апелација ја намалија на осум. Препознале каење кај возачот, а тој и ветил дека нема да го повтори делото, па заклучиле дека и поблага казна воспитно ќе влијае врз обвинетиот.. Сметаат дека и намалената казна превентивно ќе делува врз идните можни сторители на тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот.

Признанијата и ветувањата на Николов, за судот во Велес беа само во насока на забрзување на судењето за возачот кој откако го прегази девојчето побегна и два се криеше од полицијата.

Анализата на Апелација, следи откако Судски совет најави дека ќе испитува зошто апелационите судии за повеќе од двојно ја намалиле казната за велешанецот. На Врховен пак му порачаа да спроведе план за еднаквост на казните.