Се заловуваат уличните кучиња во Штип
По минатонеделниот инцидент, кога штипјанец беше укасан од агресивни бездомни кучиња во централното градско подрачје, ветеринарниот оператор и општинските служби организираа акција за заловување. Агресивните кучиња скитници се заловуваат секоја недела по пријава на граѓани, добиваат хуман третман во прифатилиштето во Куманово и се нудат на вдомување.
-По завршениот третман, лабораториски испитувања, кастрација и тест за социјализација, здравите кучиња се нудат на вдомување, болните се еутанизираат, за жал. Доколку не се вдомат во рок од 30 дена се враќаат на местото на заловување со видливо обележани ушни маркици- изјави Тоше Ѓорѓиевски, раководител на сектор за инспекциски работи-ЛС Штип.
Од месец август минатата година, од кога започна со работа операторот до сега, заловени се над 100 бездомни кучиња или по 5 до 6 во секоја акција. Во заловувањето учествуваат и претставници на невладините организации за заштита на животните.
- Конкретно, здружението „Спаси живот“, кое што ни помага, ги лоцира кучињата во заловувањето, бидејќи тие подобро ги познаваат местата каде се движат кучиња, а и самите кучиња ги познаваат- додаде Ѓорѓиевски
Невладините потоа ги објавуваат кучињата на социјалните мрежи. Граѓаните лани вдомиле 20 од заловените 88, а годинава 3 од 15-те заловени бездомни кучиња.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар