Македонија
25. August 2023 - 12:19

Штип добива јавен градски превоз

Јавниот градски превоз за граѓаните на Штип стана реалност. Пристигнаа шестте автобуси, со што се реализира еден капитален проект, кој со децении е најавуван од сите локални власти.

- Ова со сигурност е најголемата инвестиција од една локална самоуправа, којашто се случила во една година, затоа што вредноста на овие шест автобуси, коишто ќе се користат за јавниот градски превоз е 50 милиони денари. Потребата за јавен градски превоз е нотирана уште многу години порано, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Градскиот превоз пензионерите, учениците и студентите ќе го користат од 1 септември, а ќе се возат во нови модерни и климатизирани автобуси. Превозот ќе го реализира ЈП „Стипион“, а веќе се донесени и низа одлуки, како и ценовникот за линискиот превоз низ Штип, но и приградски населби, како и до соседната Општина Карбинци, за што е склучен и договор. 

- ЈП „Стипион“ ќе располага со седум автобуси со различен капацитет, со кои превозот ќе се одвива на шест линии на територија на Општина Штип и Карбинци. Утврдени се возен ред и ценовник, за кои информации ќе понудиме на страницата на јавното претпријатие, општините Штип и Карбинци, како на социјалните мрежи и во медиумите, изјави Панче стефановски, директор на ЈП„Стипион“.

Штип ќе има модерен, еколошки и економичен превоз. Првите три дена превозот за сите граѓани ќе биде бесплатен, со цел да ги научат линиите и да видат како функционира. Билетот за градското подрачје ќе чини 30 денари, а во Општина Карбинци ќе има превоз до три села и билетите во еден правец ќе изнесуваат од 60 до 90 денари.