Македонија
5. July 2023 - 12:33

Штип е градот со најмногу активни новинари по Скопје

После Скопје, Штип е град со најмногу активни новинари во државата, покажале најновите истражувања на универзитетскиот професор Андон Мајхошев, објавени во неговата книга „Медиумите во Штип, Историја на подеми и падови“. Од вкупно педесетина медиуми колку што имало регистрирано после втората световна војна па досега, денес опстојуваат само шест. Како една од причините за затварањето  на медиумите, е финансиската нестабилност.

- Истражувањето потврдува дека медиумите во Штип и пошироко се затварани од финансиски  причини. Не можат да се снајдат на медиумскиот пазар. Има многу медиуми. Мислам дека во Штип медиумскиот пазар е претесен ако се земе во предвид бројот на медиуми, изјави Андон Мајхошев, УГД-Штип.

Во однос на слободата на информиурањето, Мајхошев смета дека за неа новинарите треба постојано да се борат, а медиумската независност е меѓу првите лекции што ја учат студентите на Катедрата за медиумски студии, при штипскиот Универзитет.

- Постои катедра на Факултетот за правни науки за медиумски студии и ние преку студиските програми обезбедуваме кадар за медиумите и денеска работат неколку десетина наши дипломирани студенти, додаде Мајхошев.

Денес во Штип активни се 35 новинари.  Медиумското информирање своја експанзија доживува во деведесетите години, со отворањето на првите приватни локални телевизии од кои подоцна се оформи и дописната мрежа.