Штип ќе добие јавен превоз
Три приоритети зацрта штипската локална самоуправа за 2022-та година. Капиталните проекти за општината се во вкупна вредност од 28 милиони денари, средства од локалниот буџет.
-Предвидовме повисок процент за капитални инвестиции во споредна со претходната година, односно, во 2022-ра година дури 37% од планираните буџетски средства ќе бидат издвоени за капитални инвестиции- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Од следната година продолжува изградбата на обиколницата од булеварот „Гоце Делчев“ до мостот на река Брегалница, кај бања Кежовица. Ова сообраќајно решение ќе го растерети метежот во централното градско подрачје, но и ќе овозможи развој на бањскиот туризам.
-Изградба и проширување на крстосницата во населбата Сењак, на улиците „Борис Крајгер“ и „Сремски Фронт“ и изградба на фекална канализација во населбата „Железничка“- додаде Јорданов.
Со 1,2 милиони евра, пари од ТАВ, ќе се гради новата водоводна линија за подобро водоснабдување на населбите од високите зони. На барање на граѓаните, но и поради намалениот број на такси возила, Штип од догодина ќе добие и јавен градски превоз. Основниот буџет на општината за 2022-ра година, без блок дотации за градинките и училиштата и донациите, е проектиран на 380 милиони денари.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар