Македонија
4. May 2023 - 16:31

Штипската клиничка болница со месеци чека финансии да дозволи нови вработувања

Штипска Клиничка се уште го чека потписот од министерот за финансии за новите 48 вработувања. Од Нова година па наваму болницата работи со 100 вработени помалку, зашто дел од медицинскиот кадар замина во пензија, дел во странство и во приватни ординации. Министерот за здравство вели дека во потполност ја знае состојбата во јавните здравствени институции и секојдневно прави напори да биде одобрено барањето, но не зависи ништо од него.

- Самокритичен сум дека здравството во цела држава не е во добра состојба, не е во добра кондиција. Јас сум министер од пред 2 месеци и претпочитам да кажам дека направивме еден хирурчки рез, не не интересира што е досега направено. Разговарам со министерот за финасии, со премиерот, за да почнат еднаш овие вработувања да се реализираат. Нормално, нема да бидат сите одеднаш, да бидеме реални и рационални, но да почнат пополека да се движат работите кон подобро, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Од друга страна и условите за работа и претсој на пациентите се на незавидно ниво, а изградбата на новата болница со години тапка во место.

- Ова навистина не личи на ништо, на 21 век и ќе направиме напори што побрзо болницата да се заврши и здравствените работници да имаат подобри услови за работа и пациентите да добијат подобри здравствени услуги, додаде Меџити.

Додека се чека на потпис, медицинскиот кадар континуирано се одлева, па за краток период може да се доведе во прашање и нормалното функционирање на болницата.