Штипското ЈП „Исар“ годишно губи 2,5 милиони евра од загуби на вода
Заврши тендерската постапка за избор на изведувач на СКАДА системот на водоводната мрежа во Штип, капитален проект на општината за ЈП „Исар“, кој што е во насока на подобрување и решавање на водоснабдувањето на домаќинствата и стопанските објекти. На 35 точки ќе се инсталираат уреди, со кои се регулира протокот на водата за пиење, ќе се намалат загубите на вода во водоснабдителниот систем, но и во реално време ќе се детектираат дефекти, кражби и диви приклучоци.
- Очекуваме во наредните месеци по завршувањето на овој проект, со којшто ќе имаме поголема контрола на водоснабдувањето, на протокот, на загубите на водата, да се подобри и финансиската состојба во Јавното претпријатие „Исар“ и зголемена контрола на самиот систем. СКАДА системот предвидува можност електронски, дигитално да се контролира протокот на водата во водоводната мрежа, изјави Иван Јорданов, градоначаланик на Штип.
Во моментот загубите изнесуваат 62% од прозведената, но не фактурирана вода за пиење. Според анализите на ЈП „Исар“ овие загуби индицираат финансиски минус на претпријатието од 2, 5 милиони евра на годишно ниво. Со СКАДА системот уште во првата година се очекува загубите низ водоводната мрежа да се намалат за 20 отсто. СКАДА системот чини околу 600.000 евра, а средствата се обезбедени од вториот повик на Владата од унгарскиот кредит.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
