Штрајк на судската администрација за повисоки плати
Со едночасовен протест, судската администрација ширум земјава го искажа незадоволството од третманот на извршната власт кон судската служба. Бараат под итно зголемување на платата на вработените во судските служби за 30%, поради спецификата и сложеноста на работата, исплата на додатоци на плата во висина од најмалку 25%, како и исплата на разлика на додатоците на плата, затоа што извесен период не се пресметувал минатиот труд.
- Ние не се согласуваме со покачување на плата со 10%, што Владата и Сојузот на синдикати на Македонија го договорија. Исто така, не се согласуваме ни со К-15 во висина од 10 000 денари, а многу револтирачки е што од нашите средства доделение од Судскиот буџетски совет, 15 % на плата, вчера министерот за финасии ги одби- изјави Јасмина Величкова, претседателка на Независен синдикат на судска администрација.
Административците тврдат дека во судската каса пари има, кои се прибираат од наплата на паушал, такси за уверенија за неосудуваност и забрана за дејност и од правосилни одлуки за наплата на парични казни.
- Бараме поддршка од Судско буџетскиот совет и Здружението на судии да издејствуваат донесување на нов Закон за судски буџет, со кој судската власт ќе има самостоен буџет и донесување на нов Закон за судска служба, со кој ќе се регулира статусот на судската служба, на начин кој одговара на нејзината работа, должност, права и одговорност, изјави Рената Георгиевска, потпретседателка на Здружението на судска администрација.
Величкова додаде дека како никогаш досега, има енормна разлика на платите во судството.
- Службеник со судија во сооднос 1 спрема 5 и судија со стручен соработник 1 спрема 3, изјави Величковска
Штипските судски административци се пожалија дека над 90 проценти од вработените во судската служба земаат плата под просечната.
- Земаат плата во распон меѓу минималната и просечната, многу мал дел зимаат просечна плата, а на прсти ќе се избројат на едната рака, раководните службеници кои земаат малку повеќе од просечната плата, изјави Верица Тасева, Здружение на судска администрација.
Доколку барањата не им бидат исполнети, се заканија дека на 1-ви септември ќе организираат генерален штрајк со блокада на улици и бојкот на работните обврски.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар