Македонија
20. September 2023 - 19:43

Шведска со финансиска поддршка за заштита на животната средина во пет општини

Шведска ќе финансира 2,3 милиони долари за откривање и мерење на аерозагадувањето во Кавадарци, Гостивар, Куманово, Струмица и Струга. Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ го имплементира  УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и штипскиот универзитет.

- Населението во земјите од Западен Балкан е изложено на највисока концентрација на аерозагадување во Европа, дури за 5 пати повисоки од националните и европските стандарди. Ова е комплексен предизвик, кој бара полидимензионален пристап-изјави Aми Ларсон, амбасадорка на Кралството Шведска во Македонија.

- Ова е само една од низата активности, низата проекти коишто ги спроведуваме за да ги идентификуваме состојбите со воздухот, меѓутоа, истовремено и да имплементираме мерки кои што ќе го намалат загадувањето на воздухот- изјави Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање.

Една од карактеристиките на проектот е што квалитетот на амбиенталниот воздух во 5-те општини ќе се мери и надвор и во затворените простории.

- Како што покажаа претходните истражувања, загадувањето на воздухот во затворени простории во голема мера влијае врз здравјето на луѓето, изјави Армен Григоријан, постојан претставник на ОН во Македонија.

Ќе се мери загаденоста не само со ПМ честички, туку ќе се утврдува и анализира и присуството на епидемиолошки, бактериолошки и органски компоненти, за определување на уделот на различните извори на загадување, со најсовремена опрема на лабораторијата „Амбикон“ при УГД.