Сиљановска-Давкова: Западен Балкан е неразделен дел од евроатлантската безбедност, потребна е поголема отпорност на хибридни закани

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на врховна командантка на вооружените сили, оствари средба со генералот Алексус Грегори Гринкевич, врховен сојузнички командант за Европа, во седиштето на Врховната команда на сојузничките сили во Европа.
На средбата, на која присуствуваа и македонскиот амбасадор во НАТО, Муртезани, и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Лафчиски, Сиљановска-Давкова ја реафирмирала посветеноста на земјата на колективната одбрана и придонесот кон безбедноста на сојузниците, соопшто кабинетот на претседателката.
Таа истакнала дека стабилноста на Западен Балкан е неразделна од безбедноста на пошироката евроатлантска заедница, оценувајќи дека целосната евроатлантска интеграција и членството на земјите од регионот во Европската Унија се важен дел од европската безбедносна структура.
Сиљановска-Давкова укажала дека нерешените спорови, политичките тензии и институционалната ранливост го прават регионот подложен на хибридни закани, дезинформации и злонамерни надворешни влијанија.
Поради тоа, нагласила таа, неопходни се поголема отпорност, подготвеност за кризни состојби и заштита на критичната инфраструктура.

Посебно ја истакнала важноста од континуираното присуство на КФОР и другите мисии на НАТО за зачувување на мирот и стабилноста на Косово и поширокиот регион.
Во однос на одбранбените капацитети, претседателката посочила дека земјата е посветена на нивно развивање согласно целите на НАТО, при што е во тек ажурирање на стратегиските документи за одбраната и долгорочниот развој на способностите на Армијата.
Според неа, модернизацијата не подразбира само набавка на современа опрема, туку и внимателно планирање, долгорочни инвестиции и тесна соработка со сојузниците, усогласени со потребите на Армијата и барањата на Алијансата.
Во тој контекст, таа ги издвои Коридорите 8 и 10, нагласувајќи дека нивната географска положба и инфраструктурна поврзаност се значајни за исполнување на мисијата на Алијансата.
На средбата станало збор и за Украина, при што Сиљановска-Давкова ја потврдила поддршката за почитување на нејзиниот суверенитет, независност и територијален интегритет, во согласност со меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации.
Таа изразила подготвеност за продолжување на соработката со сојузниците во рамките на заедничките механизми за помош.
На крајот, претседателката ја потврдила определбата на Северна Македонија да биде доверлив и конструктивен сојузник, со придонес кон колективната одбрана, регионалниот мир и безбедноста на евроатлантската заедница.
МИА
Ново на Сител
-

Брисел денеска ќе го оцени напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија
-

Филипче го повика гувернерот Славески да си поднесе оставка
-

Со Национална стратегија за безбедност во сообраќајот до помалку жртви
-

Индустријата губи работници, причините се различни
-

Преглед на вестите од светот
-

Сиљановска Давкова: Решение може да се најде за рационални прашања
-

Германски „Гересхајмер“ со нови дополнителни инвестиции во Македонија
-

Самит за проширување во Брисел: Сиљановска бара потег од ЕУ и рамноправен дијалог
