Македонија
26. October 2018 - 19:49

Симулација на земјотрес во Струмица

Близу 2000  ученици и околу 160 наставници,  но и друг персонал  од две струмички училишта се евакуирани поради земјотрес. Двајца се повредени, но за среќа само како дел од сценариото на  симулациска  вежба во случај на елементарна непогода. Вежбата која беше  во организација на општинскиот  црвен  крст имаше за цел да направи проверка на подготвеноста на институциите кои први реагираат за време на елементарни непогоди, но и да  ги едуцира пред се учениците како да се однесуваат и како подобро да се заштитат во случат на такви ситуации.

,,  Кризите, катастрофите, па и инцидентите може да се случат секаде и секому . Кога веќе не можеме да ги предвидиме можеме да се организираме некако подобро да се носиме со самите нив. Не можеме да градиме отпорни општества ниту пак отпорни средини доколку тоа по редовно не го вежбаме. Мислам дека многу мал дел од населението знае што да прави во такви ситуации и мислам дека многу почесто не само по школите туку и по јавните установи треба да се прават ваков тип на вежби.,, рече Марјана Тошевска од Црвениот Крст.

Акцијата беше  проследена  и со активности на тимовите на црвениот крст составени од ученици обучени за давање прва помош кои порачаа дека секој треба да знае да дава прва помош. Во симулациската вежба која се реализираше  во основното училиште Сандо Масев и средното Јане Сандански учествуваа и екипи на противпожарната единица Струмица, итната медицинска помош, дирекцијата за заштита и спасување и центарот за управување со кризи.