Со лажни фактури за поврат на ДДВ, државниот буџет олеснет за 90 милиони евра
Финансиски криминал од невидени размери, вака јавното обвинителство го оцени случајот во кој првоосомничен е струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов. Заедно со уште 22 лица, сите од Струмица, направиле дупка во државниот буџет од 90 милиони евра. Парите ги испумпале преку лажно пријавување на ДДВ, а даночната измама траела повеќе од четири години. Во лажирањето фактури биле вклучени 15 фирми, за кои од обвинителството велат дека се на роднини или блиски луѓе на Крмзов. Информациите за работата на злосторничкото здружение, денеска на брифинг ги споделија републичкиот обвинител Коцевски, шефот на одделението за организиран криминал Абази и обвинителката која цели девет месеци ја водела предистрагата, Верица Бержецка-Крстевска. Целата измама се вртела околу неколку деловни простории од објект во градба кои за да изнудат поголем ДДВ, ги продавале и за неверојатни 20 илјади евра за метар квадратен.
„Начинот на сторување на овие кривични дела е преку склучување на фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот кој во најголем дел од случаите не е и воопшто во сопственост на продавачот. Без да се спроведат во катастар, без да се платат даноци кон општината, едни исти неколку деловни простории се препродавани за енормни износи“, изјави Верица Бержецка-Крстевска, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
Според обвинителството, со лажните фактури и преку поврат на ДДВ исплатен од државата, 15-те фирми заработиле 30 милиони евра кои завршиле во џебот на нивните управители. Измамата ја помагале и осуммина инспектори на УЈП во Струмица.
„Тие ги прифаќале таквите лажни документи со што им овозможувале побрзо да е исплатен повратот на ДДВ, со што побрзо истиот би се пуштил во оптег и е сега разгледуван како предмет на кривичното дело, „перење пари“ и други приноси од казниво дело“, изјави Верица Бержецка-Крстевска, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
Инспекторите на УЈП, според истрагата на обвинителството се гонат за несовесно работење, додека другите 15-ина и нивните фирми за злосторничко здружување, даночна измама и перење пари.
Додека трае истрагата, имотот на фирмите е замрзнат, а се барала и втора хипотека бидејќи дел од објектите веќе биле под хипотека на комерцијални банки. Од вчера, пак Крмзов е во 30 дневен притвор одреден од криивчниот суд а по барање на обвинителството.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар