Македонија
6. January 2026 - 12:25
Со македонската коледарска песна „Коледица Варварица“ коледарчиња утрово затропаа на вратите
Со македонската коледарска песна „Коледица Варварица“ коледарчиња утрово затропаа на вратите на прилепските домаќинки кои ги пречекаа на традиционачниот начин со костенчиња, ореви, овошје, а им даруваа и по некое париче, кој колку има.
„Да ни ја продолжат традицијата, постојано вака да биди, да не се прекинува нештото, бидејќи тоа е нашето правото македонското“, истакна Лилјана Ацеска, здружение на жени „Преродба“ Прилеп.
Дечињата кои од раните утрински часови коледарат на денешниот ден Бадник велат дека тоа го прават секоја година,се собираат цели друштва и шетаат од куќа на куќа.
„Ние заедно со моите другари и другарки на овој ден одиме на коледариме од куќа на куќа и со тоа го навестуваме Христовото раѓање, а домаќините ни даваат, костени, ореви, овошје и друго“, вели едно од децата кое денеска коледареше во Прилеп.
„Традијата на различни места во Македонија се чува различно, додека во Прилеп доаѓаат коледарчиња, пеат песни, тропаат на врата. Пеат коледарски песни кои го означуваат доаѓањето на нашиот спасител Исус Христос“, изјави Калинка Танеска, жителка на Прилеп.
Од здружение „Мајка Традиција“ за овој ден организираа специјален пречек во нивноо собиралиште, позната „Етно соба“ каде ги даруваа дечињата со разни подароци.
„И многу ми е мило што и децава млади ја чуваат оваа наша традиција“, додаде Блага Станкоска, членка на здружението на жени „Мајка Традиција“ Прилеп.
Бадниковата посна трпеза е уште еден од симболите со кој што овој ден се одбележува во Прилеп. Од здружението Преродба раскажуваат за миксот на народните и црковните обичаи.
„Мајка ми во сито или тепсија ќе ставеше јадење, лебче, коричка, сармичка, костенчиња, оревчиња, што дал Господ, што има спремено за вечерата и ќе излези надвор да го покани Господ, да дојди и да биде присутен на вечерата и секогаш да биде присутен во домот, да ги чува луѓето од добри работи, да бидат здрави, живи и напредни. Тој адет сум си го запомнила и до ден денес јас си го практикувам“, истакна Ленче Спиркоска, членка на Здружение „Преродба“.
„Да ја исполниме нашата цел, нашата мисија на постоењето на здружението, а тоа е пренесување на традицијата, на нашите обреди, на нашите песни, на нашето богатство на обичаи, празници и убавина на идните наши генерации“, изјави Лилјана Ѓорѓиоска, претседател на здружение „Преродба“.
Утре е Божик кога христијаните се поздравуиваат со христијанскиот поздрав „Христос се роди“, а на тоа другите одговараат „Навистина се роди“.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
-->
-->
