Бизнис
22. March 2022 - 16:47

Србија ќе дозволи извоз на пченка и пченица за Македонија

Граѓаните да бидат спокојни – пченица, пченка,  брашно и масло за јадење ќе има. За 10 тина дена Србија ќе ја тргне забраната за извоз, по што овие култури ќе можат да се увезуваат во земјава. 

Министерот за земјоделие Николовски со српскиот колега Недимовиќ постигнале договор – испораката на количините меѓу економските партнери, наскоро да почне. За потребите на мелничката индустрија, до следната жетва на земјава ќе и бидат потребни околу 50.000 тони пченица.

-Тоа значи дека Северна Македонија ќе има доволно количини на овие стратешки култури, се до следната жетва и граѓаните треба да бидат смирени”. Тоа значи дека сите договори на нашите економски партнери од сите стопански комори ќе бидат реализирани, забранатa ќе биде тргната, а за договорените количини ќе биде испратено и писмо уште денеска од премиерот на македонската Влада до српската премиерка, со цел да да се тргне српската забрана за извоз во следните 7 дена, како што и беше договрено на овој состанок, изјави министерот Николовски по средбата.

Инаку Србија на 10 март забрани извоз на основните земјоделски култури, за да спречи недостиг на домашниот пазар и да одговори на зголемената побарувачка поради украинската криза. Министерот за земјоделие Недимовиќ, вели дека извоз ќе има само за земјите од Отворен Балкан – што значи за Македонија и Албанија, но и за Босна и Херцеговина и Црна Гора. 

Според него, и покрај тоа што сите земји се затвораат за извоз, Србија ќе остане отворена на најблиските.