Српските возови внатре имаат и кафулиња, Македонските прават „тргни-застани“
„Само седнете, опуштете се и оставете го искуството да го преземе. Патувањата може да траат само неколку часа, но искуството трае цел живот“ – овие реченици ќе ве пречкаат на веб страната на Македонски железници. И навистина – патувањата не само што траат по неколку часа повеќе од предвиденото, патниците чекаат со часови само за да дојде возот. А искуствата, си ги споделуваат на социјалните мрежи, па за следно патување бираат друго превозно средство за да не го доживеат истото искуство.
„Кога ќе тргнете за Битола во просек возот патува од 6 до 8 часа. Постојано има дефекти, па нема да стаса на време, некогаш и воопшто нема да стаса. Луѓето не сакаат да се малтретираат. Патувањето е егзебиција. Вие тргнувате и не знаете што ќе се случува. Луѓето сакаат сигурност“ – Дејан Трпевски, сообраќаен инженер
Лошата состојба во Железница не е пречка власта да најави изградба на брза пруга од Ниш до Скопје. За таа намена, утре министерот за транспорт Бочварски и неговиот српски колега ќе потпишат Меморандум, а пари ќе бараат од Европската Унија. Проектирањето на делницата Ниш-Прешево е во тек, а Македонија треба да ги испланира своите 50 километри од границата до Скопје.
„Од политичка гледна точка ваквите најави се бомбастични и се во корист на дневната политика. Од технички аспект, изградба на брза пруга што подразбира сосема нови траси, нови возни средства, запазување на соодветни критериуми, бара огромни финансиски средства. Ние како држава не сме способни за такво нешто“– Дејан Трпевски, сообраќаен инженер
Србија го има најсовремениот воз во регионот. Сообраќа од Белград до Нови Сад за само половина час. За време на патувањето, патниците може да користат бесплатен интернет, а внатре има и мини-кафуле со пијалоци и посебни места за лицата со попреченост. Се движи 200 километри на час. Ова засега во земјава е имагинација. И покрај тоа што имаме возови кои може да „кренат“ и до 160, голем дел од патничкиот транспорт се движи со 50 километри на час, а во текот на летото и побавно оти од топлината се ширеле шините.
Во претпријатието работат околу илјада лица.
„Се поднесуваат барања за вработување во оперативниот дел. Луѓето се вработуваат во оперативата и по неколку дена се прераспоредуваат во администрацијата. Сите сакаат да седат во канцеларија. За жал, двете железнички компании служат за вработување на луѓе од владејачкиот естаблишмент, без разлика дали сегашен или претходен и сите политички партии ги користат јавните претпријатија за ова намена“– Дејан Трпевски, сообраќаен инженер
Железници е еден од најголемите државни загубари и должници. Според последните информации, нивниот долг изнесува 65 милиони евра. Лани останаа и без струја, па дел од долгот им го плати Владата. За да не банкротира, Владата од „Железници транспорт“ ќе купи акции вредни 15,6 милиони евра.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
