Македонија
10. January 2020 - 16:46

Стоп за смртта на Беласица

Стоп за смртта на Беласица, порачаа жителите од подбеласичкото село Старо Коњарево. Преку мирен протест  побараа стопирање на изградбата на шумски пат на планината над нивното село. Револтирани се поради сечата на шумата, но и исплашени од  минирањето на теренот. Велат од детонациите веќе имало оштетувања на некои куќи и на резервоарот за вода. Стравуваат  за нивната безбедност и од поголеми одрони кои можело да им направат штета како што било случај со ерозијата во 2004 година.

Месното население доби поддршка и од еко активистите од регионот, но и  и од градоначалникот на Ново Село Никола Андонов. Тој вети дека ќе преземе се што во надлежност на општината и аплеираше до надлежните инспекциски служби да излезат на терен.

Од подружницата на национални шуми информираа дека и сечата на шумата и пробивањето на патот биле дел од десетгодишниот стопански план.  Активностите биле легални и согласно законот.  Маркацијата за сеча ја одобриле и надлежните  инспектори кои пред почеткот на активностите го поминале целиот терен на кој во моментов се работи.