Стопанската комора на Македонија предупредува - Бизнисот е пред колапс поради високата цена на струјата
Бизнисот пред колапс. Не може да го издржи ударот од високите сметки за струја. Бараат Владата итно да им помогне – во спротивно ќе мора да стават клуч на врата, а работниците ќе останат на улица. Во моментов, според Стопанската Комора, најголем проблем за државата е цената на струјата.
- Пред мене имам конкретни податоци за сметката за струја на една компанија членка на Комората. Иако во јули годинава компанијата потрошила помалку струја од јули минатата година, сметката за струја годинава ѝ е речиси шестпати поголема во однос на јули минатата година. Лани за јули платила околу еден милион денари, а годинава за јули вкупно шест милиони денари. Кој бизнис сектор ќе го издржи ова и до кога? - рече потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски.
Зголемување на домашното производство, набавка на јаглен и мазут за ТЕЦ Неготино, Тето да се стави во функција цела година, за да нема прекин во производството ако Русија или Бугарија го запрат вентилот за испорака на гас, но и да се поедностават процедурите за инсталирање фотоволтаици. Во моментов, според Јовановски, 45 мегавати инсталирани фотоволатаици чекаат приклучот на мрежата на ЕВН.
Вакви цени на струјата, уште колку компании ќе го стават катанецот на вратата во периодот што следува? Владата треба побрзо да ги прифати предлозите на Комората. Потребна е итна реакција зашто времето поминува, а ризициите се зголемуваат.
Од Владата не одговорија – дали и каква помош е подготвена да им даде, ниту пак зошто за инвестирање во фотоволатици не се намалат процедурите. За евентуалниот пакет мерки за енергетската криза, ќе се одлучува во четврток.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
