Судење за „Пулс“: Обвинителството презентираше докази за агенцијата „Рубикон“, одбраната тврди дека тие ја докажуваат законитоста на фирмата

Обвинителството на судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, денеска во судницата во „Идризово“ презентираше докази за Агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити солушнс“, кои се однесуваа на околности поврзани со обезбедувањето на објектот во кој се наоѓала дискотеката „Пулс", планот за надзор и обезбедувње, дозвола за работа, листа на вработени, како и доказен материјал обезбеден од извршени претреси во канцеларии и возила.
Одбраната, произесувајќи се по денеска изведената документација, изјави дека таа се однесува на сè, освен на работењето на „Пулс“ и дека Обвинителството "нема ниту еден доказ“ и покажало дека агенцијата работела согласно закон.
Обвинителството речиси пет часа денеска презентираше материјални докази за Агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити солушнс“, а кои се однесуваат на околности поврзани со обезбедувањето на објектот во кој се наоѓала дискотеката „Пулс".
Во судницата во Идризово беа презентирани дозвола за работа на „Рубикон“ и листата на вработени, од која, како што посочи Обвинителството, се гледа дека во агенцијата биле вработени Јане Јанчевски, Мартин Георгиев, Лазар Захариев и Стојанчо Димитриев. Георгиев, Захариев и Димитриев имале лиценца за обезбедување, а лицето Ивица Грозданов - не.
Обвинителството изведе и фотодокументација и докази обезбедени од претресот на канцеларијата на „Рубикон“ и одземената документација, а пред Судот беше презентиран и договор, за кој Обвинителство појасни дека претставува обид за изигрување на институциите, меѓу ММММ ДООЕЛ Кочани и „Рубикон“, но на кој, како што укажа се гледа дека потпис што не е ист со тој на директорот на „Рубикон” Јане Јанчески.
На почетокот одбраната на обвинетите Александар Нацев и Јане Јанчевски достави предлог да не се изведуваат доказите што произлегуваат од изготвена анализа за присуство на метаболити во крвта и урината кај обвинетите, посочувајќи дека се незаконити и нерелевантни, имајќи предвид дека засега во приватната сфера на обвинетиот и прашањето е зошто е релевантно да се изведе таков доказ обезбеден три месеци по критичнит настан.
Судот одлучи овој доказот да не се изведува, ценејќи го како ирелевантен за овој кривично правен настан.
Обвинетиот Јане Јанчевски, произнесувајќи се во однос на денеска изведените докази пред Судот, рече дека обвинителството со оваа документација само се демантира и покажува дека „Рубикон“ работела согласно законот.
-Ја докажаа мојата професионалност и чесност. Обвинителството за доказот за патролно обезбедување сакаше да ја донесе во заблуда јавноста дека ние нешто сме прекривале за потоа да ги објави сите договори што ние ги имаме за Кочани. Сите се за патролно обезбедување, ниту еден за физичко обезбедување, од причина што не сме имале капацитет за такво нешто. Таков договор ниту имало, ниту има и Обвинителството може да покаже. Неблагодарно е Обвинителството да ја подгрева јавноста со некои наводни договори кои покажуваат такво нешто - изјави Јанчевски.
Бранителот на Јане Јанчевски и Александар Нацев, адвокатот Дејан Стојчев, во изјава за медиумите на паузата од денешното рочиште, рече дека „нема ниту еден доказ, освен еден договор за патролно обезбедување“, за кој одбраната дополнително ќе се произнесе.
-Освен тој договор, нема ништо што укажува дека Јане Јанчевски на кој било начин давал насоки или учествувал во работењето поврзано со предметниот настан. Сите планови за обезбедување се однесуваат на други субјекти и се изготвени за обезбедување настани од јавен карактер, каде што биле ангажирани повеќе од пет работници за обезбедување - изјави адвокатот Стојчев.
Во однос на обвинетиот Александар Нацев, Стојчев, рече дека позицијата на одбраната е дека со ниту еден доказ не се докажува неформална сопственичка или управувачка функција на обвинетиот Александар Нацев.
Бранителот на Лазар Захариев, кој работел како обезбедување, адвокатот Зоран Зафировски, во изјава за медиуми, во однос на денеска изведените докази рече дека станува збор за планови за обезбедување кои се изготвувале за други објекти, не за конкретниот објект.
-Законот самиот предвидува дека такви планови се изработуваат кога се потребни најмалку пет обезбедувачи. Во конкретниот случај според Обвинението, имало само четворица обезбедувачи, па таков план не бил изработен. Со тоа, нема доказ дека членовите на обезбедувањето имале конкретни задачи како да постапуваат при критична ноќ - изјави Зафировски.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и продолжува на 25 јуни со изведување на материјални докази од Обвинителството кои се однесуваат на Министерството за економија и Државен пазарен инспекторат.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
МИА
Ново на Сител
-

Рекордна заработка очекува ФИФА од Светското првенство
-

Нов пожар кај Штип, спасен човечки живот
-

Тема на денот со Ивон Величковски, претседател на Нова Република
-

Нов пожар во Штип
-

Мицкоски по средбата во Софија: Бугарија нема нови барања, тоа се истите од 2022 година
-

Мицкоски најави избори
-

ДЗР утврди сериозни слабости во остварување и исплата на правата од социјална заштита во Македонија
-

Савески не гледа ништо спорно што му се јавил премиерот
