Македонија
27. October 2019 - 21:00

Сушата и топлото време ја одложи есенската сеидба

Есенската сеидба во струмичкиот регион и оваа година ќе доцни. Долгиот сушен период и неповолните климатски услови се основната причина поради која оптималните рокови за сеидба веќе се пробиваат. Ваквата неповолна состојба првенствено се однесува за површините кои се наменети  за житни култури, но според земјоделите немањето доволно влага ги пролонгира и останатите агротехнички мерки на површините планирани со други култури.

,, Недоволната влага во самата почва не дозволува самиот земјоделски производител да ги остварува сите оние агротехнички мерки кои што се неопходни пред самата сеидба, така да мислам ќе мора да се чекаат првите дождови кога ќе паднат и колку толку самата почва да биде збогатена со влага и да се остварат првите агротехнички мерки.,, вели Ристо Велков, земјоделец. 

Според експертите летните температури кои продолжија и во октомври, освен на житните,  неповолно ќе се одразат и на повеќегодишните насади.

,, Од овие пеколни температури и видлив недостаток на влага во почвата ние може да очекуваме за наредната година недоволна диференцијација на папките која се обавуваше во јули, август па и  септември, а ние немавме никакви врнежи за нормално физиолошко функционирање на растението со фотосинтезата и сите оние пропратни работи и крајниот епилог, растението ќе влезе неподготвено во зимување со одредени можности на недефиренцирани папки кои за наредната година можат да го намалат родот.,, вели Д-Р Ристо Вучков

Последните термини за нормално извршување на есенската сеидба се првата декада на ноември, но тие рокови ќе бидат запазени единствено ако се обезбеди доволно влага во почвата. Во меѓувреме експертите им препорачуваат на земјоделците да користат оригинално и сертифицирано семе на пченица. Според нив меркантилното семе е ризично и со него наместо да ги намалат производствените трошоци може да претрпат поголеми штети.