СВР - Велес со детали за убиството во Кавадарци
За убиството во Кавадарци, лишени од слобода се три лица, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
- Денеска во 04:56 часот во ОВР - Кавадарци било пријавено дека на заден влез од казино на улицата „Никола Минчев“ во градот, неколку лица физички нападнале едно лице, кое паднало на земја и на кое му била потребна помош. Полициски службеници од ОВР - Кавадарци излегле на местото и констатирале дека се работи за лицето П.Т., на возраст од 43 години од Кавадарци, кај кое и покрај укажаната помош, екипа од Итна медицинска помош во 05:15 часот констатирала смрт, појаснија од СВР - Велес.
Набргу потоа, а поради сомнение за инволвираност во настанот, од слобода биле лишени Д.Б.(26), М.Ѓ.(35) и Д.С.(27), сите од Кавадарци.
- Тие биле приведени и задржани во полициска станица. Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство - Кавадарци и полициски службеници вршат увид на местото, на надзорните камери од казиното и по целосно расчистување и документирање на случајот, против сторителите ќе биде поднесена соодветна пријава, нагласија од СВР - Велес.
Во врска со убиството во Кавадарци, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство - Кавадарци врши увид на лице место во казиното каде настанал инцидентот. Се прибираат траги и докази. Издадена е наредба за обдукција на починатиот и се преземаат и други дејствија, потенцираа за МИА утрово од Обвинителството.
Претходно, МИА информираше дека едно лице, родено 1982 година, било убиено при тепачка пред казино во Кавадарци. Оваа информација за МИА ја потврди доктор Антоан Паракеов, раководител на Службата за итна медицинска помош.
- Точно е, имаше убиство при тепачка, утринава околу пет часот, пред казино. Станува збор за смртоносни повреди на глава. Наша екипа доби повик и веднаш беше на лице место, но, констатира дека лицето беше починато, без знаци на живот, појасни докторот за МИА.
МИА
Ново на Сител
-
Цвета Ристовска е нов заменик претседател на Антикорупциска
-
Покана за распит на Билјана Ивановска
-
И годинава ниеден македонски универзитет не се најде на Шангајската листа
-
Македонија шеста во светот по странски инвестиции според големината на економијата
-
Премиерот најави казни против маркетите и мерки кај услугите
-
Муцунски: Каква и да е одлуката на Уставен, нема да влијае на преговарачката рамка
-
Уште една бурна ноќ во Србија - 114 приведени, 75 повредени полицајци
-
Активни два пожара - Јасен и Јегуновце