Свет
30. јуни 2025 - 8:41

Трамп: Има група многу богати луѓе кои би го купиле ТикТок

Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Фокс Њуз вчера изјави дека пронашол купувач за социјалната мрежа ТикТок (TikTok), кого го опиша како група „многу богати луѓе“ чии идентитети ќе ги открие за околу две недели.

Трамп рече дека договорот на кој работи веројатно ќе бара одобрение од Кина и предвиде дека кинескиот претседател Си Џинпинг веројатно ќе ја одобри продажбата.

„Патем, имаме купувач за ТикТок“, рече Трамп. „Мислам дека веројатно ќе ми треба одобрение од Кина. Мислам дека претседателот Си веројатно ќе се согласи.“

Претходно, во текот на овој месец, Трамп и го продолжи рокот до 17 септември на кинеската компанија БајтДенс (ByteDance) за продажба на нејзината американска подружница на ТикТок и покрај законот што бара продажба или затворање доколку не се постигне значителен напредок.

Пролетва договорот беше во подготовка за одвојување на американската подружница на Тик Ток во американска компанија, во сопственост и мнозинско управување од американски инвеститори, но тоа беше ставено на чекање откако Кина сигнализираше дека нема да ја одобри продажбата по најавите на Трамп за високи царини за кинески стоки.

Во 2024 година, американскиот закон бараше ТкТок да престане со работа на 19 јануари, освен доколку БајтДенс целосно не го отфрли американскиот дел од апликацијата или не покаже значителен напредок кон продажбата.

Трамп, кој на оваа апликација и ги признава заслугите за неговата зголемена поддршка меѓу младите гласачи, што му помогна да победи на претседателските избори, дури три пати  го  продолжува рокот за продажба.