Трамп: Постигнат е договор за разоружување на Хамас и повлекување на израелските сили од Појасот Газа

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека е постигнат договор за целосно разоружување на Хамас и другите милитантни групи во Појасот Газа.
Договорот е дел од мировниот план во 20 точки што беше претставен минатата година.
– Овој договор е клучен чекор кон тоа Газа конечно да биде управувана од нова палестинска влада, која ќе соработува со Мировниот комитет за да му помогне на палестинскиот народ, објави Трамп на сопствената социјална мрежа „Трут соушл“.
Тој додаде дека во исто време „Израел ќе ја добие безбедноста што ја заслужува, а Газа повеќе нема да се користи како база за терористички напади.
И Мировниот комитет, меѓународна организација формирана како дел од планот за завршување на војната, потврди дека Хамас „се согласил на детален план за спроведување на следните фази од прекинот на огнот во Газа“. Според Мировниот комитет, договорот е резултат на повеќемесечни преговори.
Трамп договорот, што ќе се спроведува во фази, го оцени како голем пресврт.
– Кога ќе биде завршено разоружувањето, израелските сили ќе се повлечат, а Меѓународните сили за стабилизација ќе соработуваат со новата палестинска полиција за да се осигурат дека Газа е безбедна за нејзините жители и нејзините соседи, наведе Трамп.
Тој додаде дека според договорот, Појасот Газа „конечно ќе биде во рацете на нова палестинска влада, која ќе му служи на својот народ“.
Но, не се објавени детали од договорот за разоружување. Израел и Хамас сè уште официјално не ги коментираа изјавите на Трамп.
Мировниот план од 20 точки, презентиран минатата есен, веќе доведе до прекин на огнот и размена на израелски заложници за палестински затвореници. Војната почна на 7 октомври 2023 година по терористичкиот напад на Хамас врз Израел, при што загинаа околу 1.200 Израелци. Потоа Израел жестоко ја нападна палестинската енклава, а во војната, според Министерството за здравство на Појасот Газа загинаа повеќе од 70.000 Палестинци.
МИА
Ново на Сител
-

Насилникот нема да смее да се врати дома 48 часа – ако ја прекрши забраната, следува кривична пријава
-

Потребно е поголемо охрабрување на жените од руралните средини да го пријавуваат насилството
-

Мицкоски: Реформската агенда и клучните законски решенија ќе бидат заокружени до декември
-

Охрабрувачки бројки за премиерот, разочарувачки за опозицијата
-

Политичките партии бараат одговорност за Алта банка
-

На Светскиот ден на дијабетесот пациентите бараат сензори за сите лица со Тип 1 и превенција од компликации
-

Поради ниската откупна цена на пченицата драстично намалување на површините за есенската сеидба
-

Интензивно се работи на автопатот Охрид-Кичево
