Треба ли граѓаните сепак да ги платат повисоките сметки за парно?
Субвенции за парно има, но Владата ќе ги префрли кога БЕГ ќе го подмири долгот кон ЕСМ. Министерот за економија не одговори зошто, иако обезбедени, 1,6 милиони евра државна помош се уште не се исплатени за граѓаните да плаќаат пониски сметки. Најави дека до крајот на годината, кога ќе биде изготвена завршната сметка – ќе им бидат префрлени.
Управата и менаџментот на БЕГ треба да знаат дека Владата презема одредени обврски. Тие се откажале од лиценците или им се одземени од РКЕ, каде што ќе имаме нов снабдувач, дистрибутер и произведувач на топлинска енергија. Во моментот кога БЕГ ќе се порамни со ЕСМ, ние како Влада, тоа што сме го ветиле ќе го направиме. Тие сметки ќе бидат сторнирани од РКЕ и БЕГ има обврска да праќа нови сметки кон потрошувачите во Скопје – вели Бектеши.
Граѓаните збунети. Вчера Регулаторната Комисија повика да не ги плаќаат августовските сметки, кои наместо за 15, биле повисоки за 40 отсто. Но ако не ги платат – дали ќе плаќаат казнени пенали за секој ден доцнење. Ако ги платат- дали, кој и кога ќе им ги врати парите. Од БЕГ одговорија дека законскиот рок за плаќање истекува на 21 септември, по што ќе се пресметуваат пенали. Вчера изјавија дека сметките се повисоки затоа што Владата во законскиот рок, крајот на април, не им ги префрила ветените пари. Инаку Регулаторна им ги одзеде 3 лиценци на БЕГ поради нарушена ликвидност. Владата објави тендер за избор на нов оператор, но најверојатно ќе го добие државната ЕСМ, која веќе формираше три компании за производство, снабдување и дистрибуција на топлинска енергија.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
