Уапсени инспектори на УЈП од Штип и Струмица поврзани со работата на „Пулс“
Се проширува истрагата за работењето на дискотеката „Пулс“.. Во соработка со кочанското обвинителство и полицијата, денеска и во текот на вчерашниот ден, се упасени десетина лица, најголем дел од нив, се инспектори на УЈП од Штип и Струмица.. Според државниот обвинител Коцевски, за лицата постоел сомнеж дека земале мито, оддавале службена тајна и ја злоупотребиле положбата како даночни инспектори..
„Денеска се приведени нешто помалку, според мои инфомрации, околу десетина лица и во моментот се вршат претреси на одредени локации. Само можам да ви кажам во овој момент дека се работи за лица вработени во Управата за јавни приходи, а за кривични дела, допрва ќе видиме, меѓутоа, првичните сознанија се за кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и примање и давање мито“, изјави Љупчо Коцевски, Јавен обвинител.
Според обвинителството, постоел сомнеж дека инспекторите на УЈП директно комуницирале со сопственикот на Пулс, Дејан Јованов и го информирале дали и кога дискотеката ќе биде контролирана.. Таквата комуникација се одвивала преку апликацијата Вибер, беше објавена и во медиумите, а покажа дека даночните инспектори добивале и подароци..
Меѓу лицата кои се уапсени е и Драганчо Паунов кој е брат на в.д претседателката на скопскиот кривичен суд, кој според објавените разговори, бил во постојана комуникација со сопственикот на дискотеката и го информирал за плановите на штипската централа на УЈП..
„Јавноста беше запознаена дека се водеше предистражна постапка за лица кои што беа вработени во УЈП, а поврзани со кочанскиот предмет. Овој предмет не може да се спои со сегашниот кочански предмет затоа што овде не е поврзаноста со штетната последица, односно смрт. Ова се кривични дела за злоупотреба, давање и примање поткуп што нема врска со овој кривичен настан , односно со предметот кој што е во тек“, вели Коцевски.
Апсењата на инспектори на УЈП од Штип и Струмица, доаѓа по неполни 24 часа од почетокот на судењето за кочанската трагедија.. Во својот воведен говор, обвинителството најголем простор обезбеди за сопственикот на дискотеката Јованов за кој се вели дека негов единствен интерес бил профитот.. Токму тој се наоѓа во центарот на денешната полициска акција за апсење на инспекторите на УЈП кои земале поткуп и подароци од Јованов..
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
