Македонија
4. December 2023 - 16:59

Учениците и родителите во шок и тага по смрта на Вања, Владата не прогласи ден на жалост

Тишина и тага, наместо детски џагор во основното школо каде учеше Вања. Пред влезот утринава беше отворена книга на жалост. Празните страници брзо се полнеа со тажни пораки посветени на 14 годишното девојче. Дворот на Песталоци беше претесен да ги собере сите другари и другарки, ученици, родители, но и случајни минувачи. Дојдоа со наведнати глави. Со воздишки и ружи за последен пат се поздравија со Вања. Молејќи се запалија и свеќи. Солзите беа посилни од зборовите.

Пред училиштето имаше и засилено полициско обезбедување.

Почит оддаде и првиот човек на општина Центар, Герасимовски. Веднаш потоа ги посети и учениците внатре.

Наместо класична настава, родителите ни кажаа дека дел од учениците денеска имаат едукативни работилници со педагог и психолог за полесно да ја пребродат тешката ситуација. Одделението на Вања, пак, одржало само класен час

Училиштето емотивно се прости од својата ученичка.

„Наставниците не умеат да ја решат оваа задача, Вања. Прости ни, не можеме, не знаеме како да се поздравиме… Нека ти биде светол патот кон вечноста! Твојата насмевка и искрена душа засекогаш ќе останат во нашите срца“, напишаа од училиштето.

Владата не прогласи ден на жалост, па општина Центар издаде препорака за следните два дена, на нејзина територија, сите јавни и угостителски објекти да ја прилагодат музиката.