Учениците и утре во училница со маски - Владата не донесе одлука
До кога основците ќе одат со маски на училиште никој не знае.
Иако и децата и родителите очекуваа денеска да се усвои, а утре да стапи на сила препораката на Комисијата за заразни болести маските да не бидат задолжителни од 1 до 9 одделение од Владата информираат дека во текот на денот немало состанок на Главниот координативен Кризен штаб на кој треба да се разгледува овој предлог и доколку добие зелено светло потоа да се најде на владина седница. Кога тоа ќе се случи засега нема најава.
Инаку ова не е прв пат Кризниот штаб при Владата веднаш да не расправа за предлозите на КЗБ, претходно 1 месец се чекаше сертификатот за прележаност наместо 45 дена да важи 6 месеци.
Во меѓувреме и последниот извештај на ИЈЗ за состојбата со Ковид-19 покажува дека и минатата недела имало под 2000 новозаразени, но се бележи благ пораст од речиси 1 процент во споредба со претходните 7 дена.
Од друга страна за 56 отсто е намален бројот на смртни случаи, а за 34 проценти имало помалку хоспитализации. Во моментот на болничко лекување поради компликации од вирусот има 109 пациенти.
И матичните лекари периодов бележат драстично намалување на бројот на заразени. Доктор Мевлудин Куч вели дека минатата недела од 15 тестирани само 1 имал позитивен ПЦР.
-Гледам дека интензитетот опаѓа. Еве кај мене забележувам последните 15 дена дека се повеќе пациенти се со негативен тест, изјави д-р Мевлудин Куч, матичен лекар.
И според дневните извештаи последните 10 дена бројот на активни случаи е под 2000.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
