Украина започна постапка за забрана на Украинската православна црква поради врски со Москва
Владата на Украина денеска соопшти дека Украинската православна црква (УПЦ) не успеала да ги прекине долгогодишните врски со Москва и најави дека таа наскоро би можела да биде забранета.
Потенцијалната забрана се однесува на една од двете сопернички гранки на православието во Украина, односно Украинската православна црква (УПЦ) и Православната црква на Украина (ПЦУ). Православието, кое е доминантна религија и во Украина и во Русија, последниве години стана дел и од културната и духовната борба, паралелно со војната што трае веќе повеќе од три и пол години.
Во 2023 година украинскиот парламент (Врховната Рада) усвои закон со кој се забранува дејноста на Руската православна црква (РПЦ) поради поддршката на Москва за инвазијата врз Украина. Законот предвиде и можност за забрана на секоја организација поврзана со РПЦ. Веднаш потоа почна владино истражување за УПЦ, која традиционално има блиски врски со Москва.
Иако УПЦ ја осуди целосната руска инвазија во 2022 година и прогласи независност од Московската патријаршија, украинската влада тврди дека црквата не ги презела сите неопходни чекори, како измена на статутот, за конечно прекинување на врските.
Потребни се дополнителни правни процедури за владината мерка да стапи во сила. Поднесено е барање до суд за забрана на УПЦ, а доколку судот одлучи против неа, таа ќе има право на едно жалбено разгледување пред повисок суд. Постапката може да трае со месеци.
Заклучокот дека УПЦ и натаму е поврзана со Москва го донесе Државната служба за етнополитика и слобода на совеста (ДСЕСС). Според законот, на одредени парохии на УПЦ може да им се забрани користење на имоти кои не се нивна сопственост.
Мерката е насочена кон Киевската митрополија на УПЦ, која ја води митрополитот Онуфриј – на кого Украина веќе му го одзеде државјанството. Поврзаните структури, како манастири и епархии, исто така можат да бидат санкционирани.
УПЦ во 2022 година престана да го споменува рускиот патријарх Кирил во богослужбите, но во 2024 тој претседаваше со собор на кој го поддржа ставот на Москва и ја прогласи војната во Украина за „света“.
ДСЕСС претходно ја повика УПЦ да обезбеди документи со кои ќе се отфрли контролата на РПЦ врз нејзините цркви во окупираните територии. Онуфриј одби, наведувајќи дека претходните декларации за независност се доволни. Владата оцени дека УПЦ е „не религиозна организација, туку огранок на држава-агресор“.
На 24 јули Киевската митрополија доби официјална наредба во рок од еден месец да ги прекине сите врски со РПЦ. ДСЕСС во периодот од мај до јули спроведе истражување за евентуална поврзаност на митрополијата со забранета странска религиозна организација.
Според анкетата на Киевскиот меѓународен институт за социологија во 2024 година, околу 70 отсто од Украинците се православни христијани. Само мал дел се идентификуваат со УПЦ, иако таа и понатаму управува со бројни парохии и манастири. Повеќето верници се приклонети кон Православната црква на Украина (ПЦУ), која во 2019 година доби автокефален статус од Вселенскиот патријарх Вартоломеј.
МИА
Ново на Сител
-
Движењето ЗНАМ ги објави кандидатите Максим Димитриевски за Куманово, Мирослав Лабудовиќ за Центар
-
Тема на денот со Јаким Неделков, претседател на СОНК
-
Седница на Комисијата за надзор на АНБ сепак ќе се одржи во среда
-
Кошта смета дека Македонија треба да добие гаранции за евроинтегративниот пат
-
Одложена Комисијата за надзор на АНБ
-
Левица објави 5 кандидати за скопските општини
-
Лекарска комора ќе прави вонреден стручен надзор по добивање на документацијата за 8-те сомнителни случаи
-
Вардариште повторно гори, партиите се препукуваат