Македонија
7. January 2022 - 12:22

Универзитетската автономија е ограничена

Автономијата на универзитетите, како уставна категорија се уште не е доволно артикулирана. Целосна автономија се дава на институција која може самостојно кадровски и финансиски да управува самата со себе. Сепак, во делот на кадровската политика, универзитетите се уште се зависни од ресорното министерство, смета ректорот на УГД, Блажо Боев.

-Прашањето на кадровска автономија на универзитетот не е изведено на начин да универзитетите располагаат со своите работни места, туку ние мора да бараме согласности за вработување, кое временски многу се развлекува и не ги артикулира потребите на универзитетите во однос на развојот-изјави  Блажо Боев. ректор на УГД-Штип.

Честопати се случува да се има согласност, но да не може да се реализира, зашто држава скоро секоја година е во некои изборни процеси. Ова е една од главните причини што нашите квалитетни кадри заминуваат да работат на универзитетите во странство, што само по себе имплицира пад на квалитетот на образовниот процес.

-Мислам дека универзитетите се доволно компетентни и доволно зајакнати структури кои можат автономно да делуваат во системот, без да прават проблем во самиот систем-додаде Боев.

Решение за проблемите кои постојат во делот на квалитетно образование, подмладок на универзитетите, зајакнати, компетативни и високо рангирани установи е ставањето на студентите во фокусот.

-Ние многу тешко успеваме да разбереме дека универзитетите постојат за студентите и ним им припаѓаат. Тие не се формирани заради професорите, туку за студентите- изјави Боев.

Основниот двигател за развој во иднина не треба да бидат финансиите и квантитетот, додаде Боев, туку натпреварот за привлекување и задржување на квалитетните студенти.