Уставен не поведе постапка за Правилникот на ДИК
Уставниот суд на денешната седница донесе одлука за неповедување постапка за Правилникот за регулирање на постапката за собирање потписи за поддршка на кандидатските листи поднесени од група избирачи и начинот на определување на нотарите, за локалните избори 2025 година, донесен на 17 август годинава од Државната изборна комисија. Подносители на иницијативата до Уставниот суд се Здружението „Светски македонски конгрес” од Скопје застапувано од претседателот Тодор Петров и Стевче Стојанов.
Во иницијативата поднесена од Здружението „Светски македонски конгрес”, подносителот наведува дека со донесување на оспорениот Правилник е напрaвена повреда на Изборниот законик и член 8 став 1 алинеја 3 и 5, членовите 22, 23, 51, 54, 61 и 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Подносителот тврди дека иако изборните рокови се во тек, ДИК постапила надвор од своите овластувања и со подзаконски акт пропишала услови за остварување на избирачко право на граѓаните да учествуваат во вршење на јавни функции.
Во иницијативата поднесена од Стевче Стојанов е наведено дека со оспорениот Правилник се повредени член 8 став 1 алинеја 3, членовите 51, 61 и 68 став 1 елинеја 2 од Уставот. Според наведеното во иницијативата, во точка 4 од Правилникот, Државната изборна комисија уредила норма за поддршка на кандидатска листа за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник поднесени од „група избирачи” која треба да биде потпишана од најмалку двајца избирачи и со тоа уредување, ДИК излегла надвор од законските рамки и се ставила во улога на законодавач.
Правилникот го предложи членот на ДИК, Александар Даштевски повикувајќи се на членот 63 од Изборниот законик кој, како што рече не е укинат, а ја регулира постапката за собирање потписи за предлагање кандидати, иако членот 62 кој се однесува на локалните избори Уставниот суд го укина.
Претседателот на Уставен суд Дарко Костадиновски на седницата рече дека е добро што има дискусија и оти предметот е важен. Смета дека пополнувањето на правни празнини е многу важна тема и во уставното и во регуларното судство и воопшто во правото. Појасни дека кога во околности се укинати некои одредби или поништени одредби, тогаш и право и должност на законадавецот е да ги полни тие правни празнини.
- Што правиме кога правната празнина не ја пополнува законодавецот? Која порака тој ја праќа спрема сите останати? Дали е негова волја да ја остави состојбата таква како што е? Ако го толкуваме на тој начин, немојте да заборавите дека има одлука на Уставен суд, која ви дава многу сериозно толкување на политичкиот плурализам, на пасивното, на активното избирачко право. Одлуките на Уставниот суд го имаат истиот правен ефект како и законот, конечни за секого, вклучително и за ДИК. Нашата одлука е задолжителна и за ДИК, рече Костадиновски, потсетувајќи на „џебното вето“ на претседателот.
Оваа одлука што денес ќе ја донесе Уставниот суд, како што рече, е многу важна и затоа јас лично се определувам за мериторна одлука. Со тоа Уставниот суд кажува дека кога во услови кога законадавецот не е уставно дисциплиниран, тоа е негова желба или определба, тогаш уставните празнини ќе се попополнуваат и ова е еден од начините на пополнување. - Дали има основа ДИК? Има, и тоа како има, смета Костадиновски.
Во поглед на тоа дали е пропис или не е, тој вели дека нема никаква дилема дека е пропис. Смета дека не секогаш по форма и не секогаш по содржина одреден акт и по последиците кои ги предизвикува може да биде подобен за уставно-судска оцена. - Да, темпорален е, тој е врзан со овој изборен циклус, но тоа не е пречка ние да ја донесеме одлуката, Костадиновски.
Судијата Јадранка Дабовиќ - Анастасовска рече дека е убедена дека ДИК не постапувале спротивно закон и Устав.
Судијата Добрила Кацарска смета дека овој Правилник е спротивен на закон и рече дека тој не објавен во Службен весник.
- Ние не можеме да ги затвориме очиме пред нешто што е незаконито. Станува збор за судии на Уставен суд, рече Кацарска.
Ново на Сител
-
Недостигот на работна сила – сериозна закана за македонската економија
-
Втора половина на септември: Децата во Македонија немаат учебници по сите предмети
-
Уставниот суд не поведе постапка за упатството на ДИК
-
Мицкоски: Опозицијата прави предизборни конструкции поради безидејност
-
Кос: Без владеење на правото, нема влез во ЕУ
-
Извршен увид во Трубарево – четворицата осомничено добија уште 48 часа притвор
-
„Ниту една повеќе“- повик за протест на граѓанските организации
-
Обид за убиство во Струга