Македонија
13. January 2026 - 16:41

Утре на пладне лидерска средба, само Филипче писмено го одбил Мицкоски

Ахмети вечерва ќе ја донесе конечната одлука дали утре ќе присуствува на лидерската средба во Клубот на пратениците и доколку дојде, со кои позиции ќе настапи. Од пратеничката група на Европскиот фронт, кој го предводи токму ДУИ, зависат неколку законски решенија, како и изборот на функционери.

Со одлуката на Ахмети се заокружува листата на учесници на утрешната лидерска средба што ја свика премиерот Мицкоски. Од Владата велат дека, според информациите со кои досега располагаат, само СДСМ испратиле писмо дека нема да присуствуваат.

Поканата не содржи дневен ред, но Мицкоски веќе ги соопшти темите за кои сака да се разговара: реформските закони во контекст на евроинтеграциите, изборот на Народен правобранител, укинувањето на техничката влада, како и измените на Изборниот законик. Не е исклучено на средбата да стане збор и за закони за кои е потребно квалификувано, односно Бадентерово мнозинство, како што се Законот за прекршоци, делови од системот „Сејф сити“ и Законот за локална самоуправа.

Од коалицијата „Вреди“, на состанокот во Клубот на пратениците ќе присуствуваат Касами и координаторот на пратеничката група, Ќоку.

Присутен ќе биде и помалиот владин партнер ЗНАМ, преку својот лидер Максим Димитриевски.

Од опозициските пратенички групи, Левица веќе потврди учество. Апасиев во Клубот на пратениците ќе поддржи укинување на техничката влада, но ќе побара воведување една изборна единица и платено политичко рекламирање во изборната кампања и за партиите кои имаат пратеничка група, а не спаѓаат меѓу најголемите.

Филипче, пак, експресно ја одби поканата, коментирајќи дека не седнува на иста маса со криминалци. Реформските закони, според него, ќе се дебатираат во парламентот, а укинување на техничката влада, како што велат од СДСМ, нема да дозволат.

 „На Мицкоски и на ВМРО им се брза со предвремени избори и со мигранти за пари, но факт е дека не се созреани условите во општеството за укинување на техничката влада поради криминалната власт. Во вакви услови, укинувањето на техничката влада би значело директен удар врз демократијата и загрозување на волјата на граѓаните. Техничката влада мора да остане и СДСМ ќе ги искористи сите демократски механизми за заштита на изборниот процес и слободната волја на граѓаните“, коментираат и денеска од СДСМ.

Иако нема пратеничка група, ЛДП на Зајкова исто така се изјасни за укинување на техничката влада, но побара повеќе реформи во корист на граѓаните. Вонпарламентарната ДОМ, пак, го реафирмираше ставот за една изборна единица и отворени листи.