Утре се избираат градоначалници во Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа
Во четири општини од западна Македонија утре ќе се избира градоначалник, со што целосно ќе се заокружи изборниот процес од ланските локални избори. Станува збор за избор на градоначалници во Гостивар, Маврово-Ростуше, Центар Жупа и Врапчиште.
Ова се повторени избори, бидејќи во првиот круг од локалните избори, одржан на 19 октомври, во овие четири единици на локалната самоуправа излезноста беше околу 30 отсто. Тоа не беше доволно за избор на градоначалник, па целиот изборен процес започна одново.
На утрешното гласање, согласно Изборниот законик, нема да има цензус. За да биде избран градоначалник, доволно е еден од кандидатите да добие повеќе од половината од гласовите на излезените избирачи.
Право на глас на повтореното гласање имаат околу 128 илјади граѓани. Гласањето ќе започне во 7 часот наутро и ќе трае до 19 часот. Гласачите на избирачките места ќе се идентификуваат со важечки лични документи – лична карта или пасош – како и со уредите за биометриска идентификација.
Бидејќи станува збор за целосно нов изборен процес, гласачкото ливче во овие четири општини е различно од првиот круг, односно партиите и избирачите одново номинираа кандидати. Во Центар Жупа на гласачкото ливче ќе стои само едно име. Во најголемата од четирите општини, Гостивар, има двајца кандидати, а по двајца кандидати има и во Маврово-Ростуше и во Врапчиште. Во дел од овие општини повторените избори, односно прегласувањето, се редовна пракса.
Но, пред утрешното гласање, изборниот процес започна уште денеска. Според евиденцијата на Државната изборна комисија, право на глас денеска остваруваат 249 болни и изнемоштени лица, како и 94 лица кои се во притвор или затвор. Најмногу пријавени за гласање во домашни услови има во Гостивар (146), по што следуваат Маврово-Ростуше (69), Врапчиште (32) и Центар Жупа (2). Како што информираат од ДИК, гласањето за овие лица помина без проблеми.
Инаку, ова се последни избори за актуелниот состав на Државната изборна комисија, чиј мандат завршува на 15 јануари.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
