Македонија
4. November 2021 - 16:32

Вакцини за грип нема, но пријавувањето за вакцинација почна

И годинава вакцинацијата против сезонски грип ќе почне со месец дена задоцнување. Додека во некои држави од регионот имунизација има од почетокот на октомври, кај нас денеска почна пријавувањето за бесплатните вакцини за ризичните групи. Државата набавува 40.000 дози, а кога ќе стигнат нема конкретен датум.

- Поради зголемената побарувачка на вакцини против грип на глобално ниво, се прават напори количините на вакцини да пристигнат во што побрз рок.

Нагласуваме дека не е доцна, граѓаните да се вакцинираат против грип во ноември или декември, бидејќи согласно епидемиолошките податоци, оваа болест во последните десетина сезони го достигнува пикот кон крајот на месец февруари, информираат од мз.

Покрај бесплатните дози за ризичните групи кои ќе се аплицираат во Здравствените домови, останатите граѓани кои сакаат да се заштитат од сезонски грип тоа можат да го сторат во Центрите за јавно здравје кога дојдат вакцините, но треба да си платат приватно.

Оваа вакцина не штити од Ковид, туку само од грип, и нема опасност доколку се примат и двете, категорични се лекарите.

- Вакцината не штити од Ковид. Тие што ќе ја примат вакцината против Ковид треба да поминат 2 недели и сигурно ќе помогне на здравствениот систем од дополнително преоптоварување на установите со пациенти со бронхопневмонии како резултат на грипот, изјави д-р Бесим Зеќири, директор на Центар за јавно здравје – Скопје.

Годинава вакцината против сезонски грип е од француски производител и е 4 валентна односно штити од 4 поттипови на вирусот.