Вд директорите на протест бараат можност за полагање на менаџерски испит
Вршители на должност директори на основни и средни училишта и наставници приправници со мирен протест на градскиот плоштад „Слобода“ во Штип го искажаа револтот поради тоа што повеќе од една година не им е овозможено да полагаат менаџерски и стручен испит. Иако уредно се пријавиле во јануари минатата година, најнапред се пролонгирала обуката, а потоа откако успешно ги положиле трите испити, Државниот испитен центар не им дава термин за одбрана на завршниот семинарски труд.
- Вакво нешто се случува за првпат. До сега, без оглед на политичката структура, без разлика која ја има локалната и централната власт, никому не му било скратено правото за професионален и личен развој, стекнување на сертификат за директор или полагање на стручен испит, изјави Јованка Шалева, вд директор на СОУ „Коле Нехтенин - Штип“.
Кандидатите за полагање менаџерски испит плаќаат од сопствен џеб. Заради административна пречка, нема да можат да останат на менаџерските позиции.
- Нашите ВД мандати течат се уште. Меѓутоа, не знаеме до кога тоа може да оди или да оди во недоглед. Ниту еден пробиен рок не е по наша вина. Ние добивавме инструкции кои погрешно биле поставени уште од самиот почеток, изјави Шалева
Шалева додаде дека не се работи само за штипските кандидати, туку на ниво на држава станува збор за 111 кандидати за директори и над 600 наставници приправници.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар