Македонија
13. July 2025 - 16:47

Вековна традиција оживеана со нови младенци

Спој на традицијата и културата. 34-та Галичка свадба од нејзиното возобновување во 91-та. Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска беа овогодинешните зет и невеста во Галичник.

Културно сценската манифестација традиционално почна на гробиштата со канењето на мртвите. Оттаму најблиските роднини се упатија во куќата н Писевци за да го канат кумот.

Откако доби кум, Јован седна на столчето пред „Упија“ каде побратимот го избричи

„Липањето“ го претставува одделувањето од семејството и приклонување на невестата.

Со избричен зет свадбената поворка на чие чело е бајрактарот качен на коњ, тргна по невестата.

Точно на пладне свекрвата со сито погача и бокал со вино ја пречека невестата Лилјана.

Сверквата трипати се сврти околу невестата удирајќи ја со леб по главата.

Сега, со невеста поворката се упати кон црквата „Св. Петар и Павле“.

Додека внатре се одржува чинот на венчавање, надвор се изведува Тешкото.

По венчавката во црква Лилјана го заигра невестинското оро.

Претседателката на државата втора година по ред во Галичник за Петровден. Вели дека мора да се зачува традицијата, но потребно е да се вложи повеќе во Галичник за туристите да го посетуваат почесто, наместо само за Петровден кога се организира Галичката свадба.

-Прекрасен настан и инспиративен. Ама секоја година, или втора година, кога ќе се сетам дека некогаш на Петровден десетици бракови се склучувале овде, а сега е тоа само традиција, се разбира дека ми е жал. Не може човек да го врати минатото, но нешто што е дел од нашиот идентентите, нешто што е единствено, нешто што не прави посебни треба да се негува, вели претседателката Силјановска-Давкова.

Галичка свадба се одржува секоја година на Петровден – време кога во минатото печалбарите се враќале дома. Галичка свадба ги спојува адетите и традициите од целиот Мијачки крај. При изборот на младоженци важно е барем еден да има потекло од Галичник.