Македонија
9. January 2026 - 12:19

Висок водостој на реките на Истокот, но без опасност од поплави

Висок водостој на реките на Истокот, на места наврнаа и по 50 литри на метар квадратен.

Каменичка река го достигна пикот и според информациите од Водостопанство „Брегалница“ во акумулацијата „Калиманци“ се влеваат 29 кубни метри вода во секунда.

- Во градскиот дел доста е длабоко коритото и се уште постои простор и доколку се зголеми водостојот да не ги загрози околните куќи, така што во моментот екипите се натерен, машните се овде и доколку има потреба ќе се интервенира во коритото, изјави Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица.

Слична е состојбата и со Голема и Мала река кои во брана „Гратче“ акумулираат 10 метри кубни вода во секунда и се излеваа од своите корита во делот кај викендичките. Кочанска река во градот е над нивото и на одделни места го преплавува речното корито. Сепак првиот човек на општината смирува, врнежите престанаа и состојбата со водните текови полека се стабилизира.

- Водостојот на „Кочанска река“ од брана „Гратче“ до Кочани е зголемен, но не е алармантен. На потегот од завршетокот на градот до Подлог, Кочанска река претходно ја чистевме во координирана акција со службите од Водостопанство, имаме зголемен водостој на реката, но немаме поплави, изјави Владко Грозданов, градоначалник на Кочани.

Река „Брегалница“ поради големиот број притоки, исто така е со зголемен водостој, но засега коритото ги акумулира надојдените води и нема опасност од излевање.