Бизнис
28. December 2022 - 16:35

Владата најави кризен данок за над 180 фирми следната година, ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира законот

Банки, компании од фармацијата, енергетиката, од нафтениот бизнис, трговци на мало од прехранбената индустрија, кои добро заработувале и во услови на криза, следната година ќе платат кризен данок од 30%. Станува збор за над 180 фирми кои годинава оствaриле приход над 10 милиони евра и истиот е за над 20% повисок во просечната добивка по одданочување во изминатите 4 години. Со овој данок на екстра профит, според проекциите на власта, во буџетот се очекува да се соберат околу 90 милиони евра. Овие пари ќе одат во посебен фонд и ќе бидат наменети за граѓаните и бизнисот полесно да се справат со енергетската криза.

- Пример, ако некоја фирма имала профит од 1,2 милиони евра, а во меѓувреме тој се зголемил на 2 милиони евра – разликата од 800.000 евра ќе подлежи на 30 отсто данок на добивка, само за оваа година. Тоа се дополнителни 240.000 евра кои ќе бидат платени на име на данок на добивка, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Воведувањето нов данок на крајот на годината испраќа лоша порака до бизнисот, посебно фирмите кои биле успешни, но и влева несигурност кај странските инвеститори, реагираат од Стопанската Комора. Со предложениот концепт ќе се одданочуваат сите компании, независно од која дејност се, и без разлика како ја оствариле добивката. Донесувањето нов закон на крај на годината, според Комората, преставува репутациски ризик за државата и создава несигирност кај постојните и потенцијални нвеститори.

Инаку предлог законот за екстра профит веќе е доставен во Собранитео. Но опозицијата најави дека нема да го поддржи. Според нив, не е коректен концептот тие што инвестирале и повеќе заработиле, да плаќаат поголем данок од оние кои не вложувале.

Ваков данок пред неколку дена донесе Хрватска (33%). А веќе има во Велика Британија (35%), Италија (50%) и Унгарија (65%).